Порастот на минималната плата ги зовре синдикалците и ги извади работниците на улица. Единствен излез е преку штрајк и протести да се дојде до повисоки плати. Голем дел од работнците кои се дел од државните институции и покрај законскиот основ за раст на нивната плата, иако усвоена месецов не ја добија ниту загарантираната минимална плата од 18 илјади денари.
Нездоволни од платите по зголемувањето на минималецот се и административните и судските службеници, поштарите, негувателките, наставниците, здравствените работници.
Зголемувањето на платите дирекно зависи од состојбата на државната “каса“.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески смета дека логично е после зголемување на минималната плата да се покренат барања за повисоки плати од сите други општествени групи. Но, вели она што зависи од државниот буџет, мора да се оценува наспроти фискалната одржливост и потребата од продлабочување на буџетскиот дефицит и, оттука, на јавниот долг.
Лидер: Дали држават може да издржи покаќување на платите во сите сектори каде што се протестира и штрајкува? Ваша проценка, што ќе се случи доколку има/нема покачување на платите?
-Многу е логично во услови кога една општествена група, во случајов примателите на минимална плата, добила големо покачување од 20%, да се покренат барања за повисоки плати и од сите други општествени групи. Второ, овие барања се случуваат во период кога имаме поголеми цени на важни производи споредено со растот на цените на кој бевме навикнати во претходната деценија.
Оттука, некаков раст на платите кој ќе го задржи животниот стандард на граѓаните е секако оправдан.Но, барањата за драматичен пораст на платите, без притоа да се зголемила продуктивноста, односно поголема додадена вредност, не може да бидат издржани.
Сите работници заслужуваат поголеми плати особено за да се зачува нивниот животен стандард во турбулентни времиња. Меѓутоа, она што зависи од државниот буџет, дали директно како плата на јавната администрација, или индиректно како субвенција на плата во приватниот сектор, мора да се оценува наспроти фискалната одржливост и потребата од продлабочување на буџетскиот дефицит и, оттука, на јавниот долг.
Дополнително, ваков тип на неподдржана потрошувачка со дополнително-создадена вредност во економијата, може да влијае и на фискално-монетарната координација.
Значи, неопходна е разумност од сите страни и да се најде решение во рамки на она што претставува реална можност и реална потреба за поддршка на животниот стандард, вели Петрески за Лидер.