Полскиот претседател, на средбата со неговиот домаќин Стево Пендаровски, изрази надеж дека новоформираната влада во Бугарија ќе има поконструктивна позиција, став во поглед на пристапувањето на Македонија во ЕУ.
– Бугарија е се уште во изборен процес и се уште новата влада таму не е формирана и се очекуваат во наредниот период резултати од целиот тој изборен процес. Во овој момент би сакал да кажам дека Полска ја дава безрезервната поддршка на Северна Македонија за влез во ЕУ и овде би сакал јавно да изјавам дека доколку Бугарија и понатаму реагира неконструктивно односно каже НЕ за влезот на Северна Македонија јас лично ќе истапам и ќе се залагам за изготвување на некој патоказ односно документ којшто ќе послужи на РСМ полесно да се справи со ова прашање во влез во ЕУ, рече Дуда на заедничката прес конференција во Скопје со Пендаровски.
Пендаровски, од своја страна, истакна дека се додека во Бугарија не се формира влада, односно, претходно не конституираат Парламент не би требало да се занимаваме со изјави кои доаѓаат од луѓе кои во моментот се уште немаат целосен полтички легитимитет.
– Станува збор за изјави, од која било страна да доаѓаат, дали од техничкиот министер за надворешни работи или од кандидатите на претседателските избори или оние кои би требало да ја формираат идната влада, а не знаеме дали ќе успеат да ја формираат. Тоа се изјави на луѓе кои или немаат целосен политички легитимитет или станува збор за кандидати кои допрва треба да станат членови на владата или да формираат органи на власт во Софија, рече Пендаровски прашан за различните позиции на актуелниот претседател на Бугарија Румен Радев кој е и кандидат за втор мандат и на идниот можен мандатар на новата влада Кирил Петков.
Пендаровски вели дека независно дали ќе направат Влада или не во Софија, тој е претпазлив реалист. – Толку многу пати се изгоревме чекајќи од Софија да се дигне неразумната блокада што јас би почекал навистина да видам со кого конкретно утре, задутре и по 21-ви ќе разговараме не само на претседателско ниво, туку и на ниво на МНР кои де факто и досега ги водеа разговорите, кажа Пендаровски.
На средбата на полскиот претседател со премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Бујар Османи, било констатирано дека проширувањето на ЕУ мора да продолжи, изразено преку почеток на преговорите на Македонија, бидејќи со тоа ќе се потврди дека европскиот проект е жив и атрактивен, особено за земјите како Македонија кои ги спроведуваат сите потребни реформи.
Во меѓувреме, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на дискусијата за политиката на проширување на ЕУ со Западниот Балкан во Мадрид, ги образложи македонските позиции во однос на проблемот со Бугарија.
– Блокирањето на евроинтегративниот пат дефинитивно не е помагање и е спротивно на членот 2 од нашиот договор, додека пак од страна на Северна Македонија не постои такво прекршување. Ние како политичари се договоривме да обезбедиме предуслови за успех на Комисијата за историски и образовни прашања, тие имаа повеќе средби и беше предложена и странска експертиза и помош за нивната работа. Со овој договор започнавме еден важен процес што некако беше исфрлен од колосек од причини кои сѐ уште се неразбирливи, рекол Димитров, стои во соопштението од Секретаријатот за европски прашања.
Во нацрт-преговарачката рамка што сè уште е на маса, посочи тој, има еден технички параграф што е ист за сите земји кандидатки кои отпочнуваат преговори и предвидува превод на правото на Унијата на сопствениот јазик, во нашиот случај македонскиот јазик, за да се овозможи соодветно функционирање на Унијата во согласност со нејзините правила и принципи откако земјата ќе стане членка.
– Оттука, ова прашање се третира како прашање на самоопределување, како што е уредено со меѓународното право бидејќи нема правна основа и не е пристојно ниту една земја во светот, вклучително и за самата Унија, да признае или да не признае јазик. Јазикот е прашање за нашиот народ, според меѓународното право, истакна Димитров.
Тој посочи дека евроинтегративниот процес на Македонија е прашање преку кое се преиспитува внатрешната кохезија на ЕУ и вредностите на кои се темели, како и влијанието на ЕУ во регионот.
Шефот на дипломатијата Османи, во интервју за „Агенција Европа“ изјави дека отворањето преговори со Македонија и Албанија ќе и овозможи на ЕУ да го задржи својот кредибилитет во регионот, кој во моментов е под притисок.
Во однос на шансите за одржување на првата меѓувладина конференција во декември, Османи рече дека „по конструктивниот ангажман што го покажавме во овој период, а исто така размислувајќи за последиците по кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот, Бугарија ќе го тргне ветото и би можеле да го започнеме овој долг процес за членство во ЕУ, што е еден од нај контролираните процеси“.
-Никогаш не престанавме да комуницираме со техничката влада. Ќе продолжиме и во текот на овој месец, пред овој прозорец на можности на 14 декември, пред одржувањето на Советот за општи работи.
Се надевам дека сите ќе бидат фокусирани и конструктивни, бидејќи тоа е во интерес на Бугарија, на стабилноста на регионот, а особено на Европската Унија да го задржи својот кредибилитет во регионот и како глобален играч, рече Османи.
Шефот на дипломатијата на Австрија Михаел Линхарт во интервју за МИА рече дека Австрија е уверена оти Македонија е подготвена за процесот на преговори за членство во Европската Унија.
– Северна Македонија е дел од Европа и целта е Северна Македонија да стане членка на Европската Унија. С Македонија мора да биде членка на ЕУ, ова е нашето уверување и сигурен сум дека заедно ќе ја постигнеме оваа цел. Двете страни треба да вложат напори, секако преку целосна поддршка од наша страна, нагласува Линхарт.
Шефот на бугарската дипломатија вчера на состанок со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ истакнал дека бугарската страна сè уште очекува конкретни чекори од Скопје за исполнување на обврските, вклучително и откажување од територијалните и претензиите кон малцинства, прекинување на говорот на омраза, промена на учебниците и гарантирање на правата на граѓаните со бугарска самоопределба.
Од бугарското МНР, во одговор на агенцијата БГНЕС, навеле дека Бугарија не може да поддржи одржување на првата Меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија, бидејќи актуелната нацрт-преговарачка рамка за пристапување на Македонија „не ги одразувала предлозите на бугарската страна и затоа не можеле да поддржат почеток на преговорите.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека очекува оти „ЕУ ќе застане на патот на бугарските хегемонистички и непринципиелни барања и дека ќе го испорача заслужениот датум за преговори на Македонија“.
Мицкоски упати апел до македонските сојузници во Брисел да конечно им застанат на патот на овие хегемонистички барања и непринципиелни опструкции кои се вршат врз Македонија и се бараат решенија векови наназад за нешто што треба да го живееме во иднината. – Тоа е невозможно, ние денеска да бараме решенија за работи кои се случиле пред неколку векови и кои се историски факти, а да зборуваме за иднината. Тие работи се контрадикторни, изјави Мицкоски.
Мицкоски истакна дека „Македонија и македонскиот народ го имаат заслужено датумот и почетокот на преговори и затоа очекува не само разум во ЕУ туку и кај новата бугарска власт“.
– Очекувам разум кај новиот мандатар кај нашиот источен сосед, кај нивниот претседател и конечно оваа вештачка блокада да биде тргната и Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, рече Мицкоски.
Советот на амбасадори во исто време изрази разочарување од најавата на бугарското МНР, како и изјавата на министерот Светлан Стоев, дека Бугарија нема да поддржи почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ во декември оваа година.
– Советот на Амбасадори смета дека ваквото постапување од Бугарија не е во насока на напорите на Жосеп Борел, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, на земјите членки на Унијата и на Стејт Департментот на САД, за час поскоро одржување на првата меѓувладина конференција ЕУ-Северна Македонија, наведуваат оттаму.
Тие дополнуваат дека оваа најава е особено неповолна и опасна во време кога земјите на Западен Балкан се соочуваат со закани по безбедноста на регионот, со влошување на епидемиолошката состојба со Ковид-19, и со енергетска криза. Советот се надева дека и покрај овие најави, државните чинители на Бугарија ќе смогнат сили, на Самитот на ЕУ во декември, да и го отворат патот на Македонија кон побрзо интегрирање во Европската Унија.