По предупредувањето на ЕУ за „прегреаност“ на пазарот на недвижности, банките ги зголемија резервите за да се заштитат од можни проблеми при отплатата на кредитите, пишува загрепски „Вечерњи лист“.
Централната банка оваа седмица воведува нова мерка со која се зголемува антицикличниот заштитен слој на капиталот во банките од нула на 0,5 отсто. Со одлуката се наложува банките да ги зголемат сопствените резерви за да се заштитат од можни проблеми со отплатата на кредитите во иднина.
До зголемување на стапката на заштита дојде по предупредувањето на европскиот регулатор кој идентификувал системски ризици и „прегревање“ на пазарот на недвижнини во Хрватска, со поголем и побрз раст на цените на становите и куќите отколку кај другите економски показатели.
Покрај Хрватска предупредувања за идентични ризици се упатени и до Бугарија, Унгарија, Лихтенштајн и Словачка, со препораки да преземат мерки за справување со состојбите, додека на Австрија и на Германија им се дадени конкретни препораки за ладење на прегреаниот пазар.
Врз основа на социо-демографските и економските движења германската Бундесбанка проценува дека недвижностите во германските градови се за 15 до 50 отсто поскапи отколку што навистина вредат.
Што точно ќе донесат посочените препораки во реалноста најдобро се гледа во примерот на Австрија која воведе значајни ограничувања за станбените кредити. Според новиот закон, ратата на станбен кредит во Австрија не смее да надмине 40 отсто од месечната плата, може да се земе на најдолг рок од 35 години, а сопствениот удел е вратен на 10 или 20 отсто од вредноста на кредитот.