Нестабилните односи со соседна Македонија, заедно со ниското ниво на вакцинација и борбата против корупцијата, се главните предизвици се кои ќе треба да се справи поранешниот претприемач, дипломец на Харвард и нов бугарски премиер Кирил Петков, оценува бриселскиот портал „Политико“ во осврт на новоизбраната Влада на Бугарија.
Во делот на анализата посветен на односите со Македонија, „Политико“ наведува дека премиерот Петков сака да заземе поделотворен пристап кон земјава.
– По долги години контроверзии, ЕУ минатата година се согласи да ги покани Македонија и Албанија да започнат преговори за членство. Сепак, Бугарија ги блокираше преговорите поради спор со Македонија околу историјата и јазикот. Ова ги спречи и Македонија и Албанија да го направат следниот клучен чекор во процесот за членство – усвојувањето на преговарачките рамки, што е предуслов за старт на преговорите со одржување на првите меѓувладини конференции, наведува бриселскиот портал.
Во освртот се посочува дека ваквиот потег на Бугарија предизвика разочарување и на Балканот, но и во Брисел, каде поддржувачите на проширувањето велат дека Софија ја поткопува довербата во Унијата и остава политички вакуум во регионот за Русија, Турција и Кина кои сакаат да го прошират своето влијание.
– Иако новата бугарска Влада не планира да се откаже од барањата за историските спорови со Македонија, Петков најави дека негова цел е да го прошири дијалогот и да ја искористи економската соработка за подобрување на односите, наведува „Политико“.
Порталот додава дека Петков планира новиот пристапот да биде поврзан со „зајакнување на постојните позиции“ на Бугарија и би сакал комисиите што ги разгледуваат односите „да работат многу напорно следните шест месеци“, но дека одбива да даде краен рок за завршување на процесот.
– Мислам дека ниту една Влада, во моментов, не може само да излезе пред својот народ и да каже: „Во ред, заборавете на сите проблеми, ајде само да го потпишеме договорот“, затоа што таквата Влада брзо ќе биде сменета, ја пренесува „Политико“ изјавата на Петков.
Петков, според порталот, смета дека на луѓето треба да им се покаже зошто соработката е корисна.
– Сакам да можам директно да летам од Софија до Скопје, не преку Виена. Сакам да ја воспоставам првата железничка врска или ако е можно барем план за тоа. Сакаме да имаме заеднички културен календар, додава бугарскиот премиер во цитираната изјавата.
На изборот на новата бугарска Влада се осврнува и Радио Франс Интернасионал (РФИ), посочувајќи дела Петков се претставува себеси како цврст проевропеец, која сака да направи напредок „по едно исклучително чувствително прашање за неговата земја: пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија – нешто на што Бугарија се противи“.
РФИ во анализата пренесува изјава на француската експертка за Балканот Надеж Рагару која оценува дека тактиката на Петков не е да ги фокусира разговорите само на прашања од историјата, туку и „да понуди вистинска економска соработка меѓу двете земји и вистински развој на инфраструктурата“. – Од оваа гледна точка, двете земји имаат заеднички интереси. За да блесне во регионот на Југоисточна Европа, Бугарија од своја страна мора да има поразвиени транспортни врски. Така, се надеваме дека преку заеднички проекти веројатно во наредните месеци Бугарија ќе го укине ветото за Република Северна Македонија, додава Рагару.
– Во интервју за „Фајненшл Тајмс“ непосредно пред да неговиот избор за, Петков си даде шест месеци да го заврши процесот. Прилика за тоа ќе биде Самитот за Балканот, што ќе се одржи во Франција во јуни следната година, заклучува РФИ.