Сомнежите на огромен дел од македонската јавност дека пописот што се одржа пред нецели две години беше чисто политичка, а најмалку статистичка операција, се покажаа како оправдани, бидејќи продолжуваат да се злоупотребуваат податоците од пописот исклучиво за политички цели. Пописот не само што воопшто не беше во согласност со стандардите на „Евростат“, кои во никој случај не предвидуваат попишување на дијаспората, туку не беше во согласност ни со востановените практики при организирањето на целата статистичка операција, односно да се донесе закон за попис најмалку една година пред да се попишува населението.
Токму за сите недоследности поради кои се доведува под знак прашалник валидноста на дел од податоците од пописот неодамна алармираше Државниот завод за ревизија, кој во последниот извештај го отвора прашањето за релевантноста на пописот што се одржа во 2021 година.
ДЗР се сомнева во релевантноста на дел од податоците од пописот.
Ревизорите посочуваат на многу пропусти, но она што се издвојува е дека во прашање се доведува точноста на податоците за луѓето што во време на пописот биле во армијата, во странство, во затвори и за бездомниците. Исто така проблематично за ревизорите е што имало малку попишувачи, а се попишувале луѓе надвор од нивните домови. Уште попроблематично е што голем број луѓе останаа непопишани и на тој начин се создаде искривена слика за етничката застапеност во земјава. Додека од македонската етничка заедница се одзема, на албанската етничка заедница ѝ се придодадоа и процентите на дијаспората, на која ѝ беше дадена можност да се попишува со месеци.
– Со ревизијата е утврдено дека теренското попишување е спроведено со 505 инструктори и 4.482 попишувачи, број што е помал во однос на планираниот, а наедно е спроведено попишување на лицата што не биле попишани во просториите на комисиите за пописни реони, начин на попишување што не е предвиден во Законот за попис – пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Понатаму ревизорите ја проблематизираат и апликацијата за онлајн попишување на македонските државјани што се на привремена работа или престој во странство. Во 2019 година е набавена софтверска апликација за пописот, но не е набавена софтверска апликација за самопопишувањето. И покрај сите предупредувања на експертите во делот на статистиката, на „Евростат“ и на јавноста дека попишувањето на дијаспората е целосно непотребно, сепак, поради мир во владејачката коалиција и по инсистирање на ДУИ, без никаква контрола се попишуваше дијаспората и се тресеа проценти од ракав, кои сега одеднаш станаа официјален процент на албанската етничка заедница во Македонија, која врз основа на ваквите фалц-резултати, сега бара бришење на формулацијата „20 отсто“ од Уставот и значително ги наполни институциите со припадници на албанската етничка заедница врз основа на фингираните проценти од пописот.
Заводот за ревизија проверувал и како се трошеле парите за пописот, при што утврдил дека за попишувачите и учесниците вкупно биле исплатени 3,1 милиони евра, врз основа на правилник, вредноста на бодовите е уредена со акт што го донел директорот, но не го потпишал. Вкупниот буџет бил 8,5 милиони евра, но немало финансиски план како ќе се трошат парите. Така се потрошиле 7,9 милиони евра, во кои најголемо учество, од над 49 отсто, се потрошени за лаптопи и 40 отсто за хонорари.
Набавката на лаптопите што ги имаа попишувачите исто така е спорна, и тоа од неколку аспекти, бидејќи има три анекси на договорот без јавна набавка, а при примопредавањето се потпишани од раководителот на фирмата, а не од преставници на работната група.
Во извештајот е констатирано и дека медиумската кампања од околу 120 илјади евра надминала повеќе од 40 проценти од планираните пари. Покрај тоа, и средства за заштита од ковид-19, кои чинеле 20 илјади евра, биле купени без да се спроведе постапка за јавна набавка.
Ревизорите во извештајот констатираат дека со измените на Законот за попис се дало многу краток рок за да се подготви теренот за попис.
Работите беа накриво поставени уште во самиот старт.
Наодите во извештајот на Државниот завод за ревизија јасно покажуваат дека операцијата „попис“ се туркала по секоја цена, со заобиколување на законите и буквално насила, само колку државата пред ЕУ да покаже дека по 20 години одржала попис, но истовремено да се задоволат и апетитите на албанската етничка заедница во земјава за поголема процентуална застапеност, со што ќе може да наметне нови барања.
Тие барања веќе излегуваат во јавноста и постојано ќе се појавуваат и стануваат алатка за политички пазарења, но она што е многу позагрижувачко е тоа дека беа потрошени милиони евра народни пари без државата да добие вистинска статистичка слика како во иднина да се креираат развојните програми. За тоа предупредуваа многу статистичари и експерти, кои јасно ставија до знаење дека ако се вмеша политиката во пописот, тогаш резултатите и бројките од статистичка гледна точка ќе бидат безначајни.
Поранешниот директор на Државниот завод за статистика и добар познавач на статистичките политики Дончо Герасимовски смета дека наодите на ревизорите се на иста линија на предупредувањата што тој ги давал уште пред одржувањето на пописот.
– Не може да се прави попис, а Законот за попис да се носи еден месец претходно, тоа е нонсенс. Во дефинициите и стандардите, како и меѓународните препораки, јасно стои дека закон за попис мора да се донесе најмалку година дена пред да се спроведе пописот. Впрочем, тоа е политика и на „Евростат“, вели Герасимовски.
Тој особено предупредуваше и на прекршувањето на меѓународните препораки, особено кога стануваше збор за попишување на дијаспората, јасно истакнувајќи дека тоа не се прави никаде.
– Попишувањето на дијаспората од почетокот е сомнително од аспект на неодзивот на македонското население и притисокот што одредени наши политички субјекти го правеа во дијаспората за што помасовно попишување. Второ, таа добиена бројка од дијаспората, со која сега се прават нелогични математики во земјава да се прикаже нечија поголема етничка застапеност, е сосема нелогична. Нема земја во светот што може да прифати такво нешто. Се брои населението само што е во земјата. За жал, одредени субјекти кај нас одеа и правеа пропаганда за одредена етничка група да се попише што помасовно. Нелогично е и да се даде толку долг рок за попишување и тоа секако влијае на вкупната бројка, која сега некој преку весели математики си ја смета на свое конто, потенцира Герасимовски.
Според него, тоа што е собрано на терен, тие се податоците со кои располага сега државата и врз основа на нив ќе ги крои развојните политики.
– Што е собрано на терен, тоа е, но како е собрано на терен, колку е направен целосен опфат, одговорите за тоа треба да ги даде ДЗС и да информира за сите проблеми што ги имаше, почнувајќи од доцнењето со носењето на Законот за попис, од набавките што ги имаше, тендерите, откажувањата на инструкторите и попишувачите, делењето награди и надоместоци, сето тоа исплива на површина уште пред одржувањето на пописот. Имаат влијание на одредени состојби за разни длабински анализи и оние непопишани 132 илјади лица, бидејќи за нив беа земени административни податоци од институциите, а не беа попишани регуларно, констатира Герасимовски.
Несомнено, забелешките на ревизорите јасно покажуваат дека пописот во Македонија беше далеку од секакви статистички стандарди и дека повеќе имаше некаква друга функција, која ниту е во интерес на државата, а уште помалку на нејзините граѓани. Последиците од евентуалните криви проекции врз основа на вака собраните податоци ќе ги чувствуваме сите.