Со зголемувањето на Буџетот за образование, јасно се гледа дека Владата се грижи за младите во земјава. Ова го истакна Сергеј Попов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната расправа на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието.

– Овој ребаланс е уште еден доказ дека оваа Влада е сериозна во своите намери, во своите ветувања кои ги дава пред младите луѓе. Како млад пратеник, мојата најголема одговорност и мотивација е да се борам за подобра иднина за мојата генерација и за сите што доаѓаат по нас, вели Попов.

Попов истакна дека зголемувањето на буџетот за образование е јасен показател дека државата вложува во иднината на младите. Според него, со оваа инвестиција се овозможуваат подобри услови за учење. Повеќе стипендии и модерни образовни институции, што претставува силен поттик за личен и општествен развој во Македонија.

– Буџетот за образование не е само бројка на хартија, тоа е директна инвестиција во нашите соништа, во нашите можности и во нашата желба да останеме, да се развиваме и да успееме овде, дома во нашата Република Македонија. Вкупниот буџет за образованието е 46.443 милиони денари што претставува зголемување од 1,294 милиони денари односно +3%. Зголемениот буџет е порака дека државата ја препознава важноста на младите. Ова зголемување значи повеќе стипендии, подобри училишта, модерни универзитети и повеќе можности за сите нас. Секоја инвестиција во образованието е инвестиција во нашата иднина и во нашата способност да бидеме конкурентни и креативни, рече Попов.

Попов посочи дека со повеќе средства за универзитетите се очекуваат подобри услови за студирање, практична настава, дигитализација и финансиска автономија.

– Во високото образование има зголемување од 3,179 на 3,456 милиони денари. Со ова зголемување ќе добиеме поквалитетни студии бидејќи со повеќе пари за универзитетите, очекуваме подобри услови за учење, повеќе практична настава, нови лаборатории и современи програми, и секако најважното дигитализација. Ова зголемување ќе значи и поголема финансиска автономија за универзитетите бидејќи ќе имаат повеќе слобода да одговорат на потребите на студентите и да воведуваат иновации. Во инвестициската програма „Инвестиции во образованието“ се предвидени вкупно 1,204 милиони денари што претставува зголемување од 12,8%, односно зголемување од 137 милиони денари, кажа Попов.

Попов нагласи дека главниот фокус на програмата е подобрување на условите во ученичките и студентските домови, што ќе придонесе за поголема безбедност и удобност.

– Главен акцент во оваа програма ќе биде ставен на подобрување на условите во ученичките и студентските домови. Со реконструкција на ученичките домови ќе се создадат подобри услови за средношколците што доаѓаат од другите градови, а тоа значи поголема безбедност и поудобни услови, заклучи Попов.