Има проблеми и при спроведувањето на Законот за пожарникарство, а пожарите од големи размери што ја зафатија државата, го отворија и прашањето дали е потребно да се направат законски измени за негово поефикасно спроведување во пракса, како и да се посвети поголемо внимание на формирањето на доброволните противпожарни друштва по примерот на некои соседни држави.
Иако законот налага минимален број на пожарникари во однос на бројот на жители, ретки се општините во кои тоа е запазено. Во најголемиот број на општини, бројот на пожарникари е многу помал во споредба со бројот на жители кои се опслужуваат. Во пракса, законот не се спроведува и во делот каде е наведено дека помалите општини во кои нема противпожарни служби треба да исплаќаат одреден финансиски надомест за пожарникарските интервенции.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев во изјава за МИА вели дека тоа е долгорочен проблем со кој се соочуваат како локална самоуправа.
– Пробавме да најдеме соодветно решение, меѓутоа, за жал, од соседните општини немаме поддршка и разбирање. Понудивме договори за меѓуопштинска соработка каде точно со закон е регулирано дека за да се добие некоја општинска услуга треба да се има и договор за меѓуопштинска работа. За жал, тие договори не беа потпишани од нивна страна, вели Илијев, апелирајќи до соседните општини Зрновци и Чешиново-Облешево да размислат и дел од средствата од буџетите да ги пренаменат за потребите на противпожарната служба.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажа дека на државата и недостигаат над 500 пожарникари. Во најголем дел од општините, бројот на пожарникари е под законски утврдениот минимум, а во оние општини кои го задоволуваат минималниот број, противпожарните служби велат дека не е на одмет да имаат повеќе вработени.
Во Законот за пожарникарство точно е пропишано колкав треба да биде минималниот број на пожарникари во однос на бројот на жители, но во реалноста, ситуацијата е поинаква. На Територијалната противпожарна единица на Град Скопје и недостигаат околу 200 пожарникари за да го задоволи законски пропишаниот минимум, а во Кочани, кој на почетокот на неделава го зафати пожар од досега невидени размери, има 17 пожарникари што е речиси двојно помалку од законски утврдениот минимум, имајќи предвид дека оваа противпожарна служба ги опслужува и општините Зрновце и Чешиново-Облешево.
Слична е ситуацијата и со Куманово каде има 50-тина пожарникари кои интервенираат не само на територијата на Општина Куманово, туку и во соседната Општина Липково.
– Покриваме и урбана и рурална средина. Солидно сме екипирани, но не го исполнуваме законскиот минимум. Често интервенираме во урбана средина и добро е да имаме и хидраулична скала. Куманово е најголема општина во државата и ова ни е потребно. За интервенции на отворен простор потребен е поголем број на пожарникари. Задоволни сме од другата опрема како што се униформите, пумпите… вели Дејан Илиевски, командир на ТТПЕ Куманово.
Ситуацијата е иста и кај поголемиот дел на противпожарните служби низ државата, кои со години алармираат за доекипирање на кадарот, обнова на возниот парк и обезбедување на современа опрема за гаснење.
Во општината Старо Нагоричане, противпожарната единица брои девет пожарникари што е согласно со законските прописи, но големите пожари што го зафатија овој регион покажаа дека и овој законски утврден број на пожарникари можеби не е доволен со оглед на големината и конфигурацијата на теренот што го покриваат.
– Не е на одмет да имаме повеќе пожарникари, имајќи ја предвид големината и конфигурацијата на терен. Општината е со огромна површина и станува збор за претежно планински предел, вели Далибор Трајковски, командир на Противпожарната бригада во оваа општина.
Пожарите од големи размери што ја зафатија земјава го отворија и прашањето дали можеби треба да се размислува во насока на поголема ангажираност од страна на надлежните институции за формирањето на доброволните противпожарни друштва со што државата би имала на располагање поголем број на обучени лица за гаснење на пожари од големи размери.
– Има соседни држави кои го имаат решено овој проблем. Можеби треба да го земеме нивниот пример и да се направат законски измени со цел да се направиме квалитетно и подолгорочно решение кое ќе одговори на предизвиците што ги имаме денес. Зборувам за доброволни противпожарни друштва кои ги имаме во соседството, посебно во Словенија. Тоа се друштва кои се доброволни, а луѓето се обучени и кога има потреба интервенираат и за тоа добиваат соодветен надомест. Така на пример, според бројот на жители, како општина би требало да имаме 31 пожарникар, но за вакви пожари би ни требале околу 100 пожарникари. Толку луѓе не би можеле да вработиме, но можеме да направиме измени во законот и да формираме доброволни противпожарни друштва кои би имале млади обучени кадри и во едни вакви ситуации многу полесно би се справувале, вели градоначалникот на Кочани.
Во Законот за пожарникарство е дозволено да се формираат вакви друштва на ниво на општини, но нивниот број е многу мал во пракса. Со вакви доброволни друштва може да се пофалат Свети Николе, Битола, Охрид, скопските општини Чаир и Илинден.
– Заради организирано учество на граѓаните во заштитата од пожари и други непогоди, во согласност со закон и други прописи, во општините можат да се формираат доброволни противпожарни друштва, кои претставуваат дел од единствениот систем на заштита од пожари, се вели во Законот.
Командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски смета дека првично треба да се реши проблемот со недостигот на кадар во противпожарните служби, односно да бидат вработени онолку пожарникари колку што налага законот согласно бројот на жители.
– Во Скопје ни фалат 200 пожарникари, фалат пожарникари и во Битола, Тетово… Ретко кој град, особено помалите, го исполнуваат законски утврдениот минимум. Прво, мора да го решиме делот кој го налага законот. Доброволните противпожарни друштва се систем кој се гради со време, вели Симоновски во изјава за МИА.
Тој додава дека доброволни друштва може да се формираат со одлука на Советот и да се извести Дирекцијата за заштита и спасување.
Финансиски средства за пожарникарите се одвојуваат и по други основи
Освен од буџетите на општините, финансиски средства за плати на пожарникарите се обезбедуваат и преку блок дотации од буџетот на Министерството за одбрана. Оттаму информираат дека годинава средствата по овој основ се зголемени за околу 21 процент во однос на 2019 година.
– Блок дотациите за првпат од буџетот на Министерството за одбрана се исплатени во 2019 година во износ од 331.755.000 денари. Во 2021 година средствата се зголемени на износ од 400.000.000, што е зголемување за околу 21 процент, се вели во одговорот што МИА го побара од Министерството за одбрана.
За потребите на противпожарните служби се одвојува и 12-процентен износ од наплатените премии за осигурување на имот од пожар и овие пари одат на посебна сметка на Дирекцијата за заштита и спасување за набавка на противпожарна опрема и за потребите на авионите за гаснење на пожари кои во моментов се приземјени поради пропаднат тендер.
Во Законот за пожарникарство стои дека треба да се одвојуваат и два процента од наплатените премии за осигурување на моторните возила (Каско) и осигурување од одговорност од употреба на моторните возила, како и одреден процент од наплатените парични казни за сторени прекршоци од областа на заштитата од пожари и експлозии.
Просечната старост на противпожарните возила 28 години, во Валандово и Струмица има возила уште од 1966 година
Центарот за граѓански комуникации минатата година направи истражување кое покажа фрапантни податоци за состојбите во противпожарните служби. Според добиените податоци, просечната старост на противпожарните возила е 28 години, а во Кратово и Делчево просечната старост на возниот парк е 35 години. Во Валандово и Струмица дури има и модели кои датираат уште од 1966 година.
Набавката на нови противпожарни возила и опрема оди бавно. Најчесто обновувањето на возниот парк или на опремата е преку донации, иако противпожарните служби секојдневно алармираат за неопходноста од нова, современа опрема за нормално функционирање.
Пожарникарството е дејност од стручен и хуманитаре карактер од јавен интерес. Во Законот за пожарникарство е наведено дека пожарникарството е работа чие трајно и непречено извршување го обезбедуваат државата и општините. Колку новонастанатата ситуација со пожарите ќе го вклучи алармот кај надлежните институции, останува да се види.