Повеќе од 70 пратеници во Европскиот парламент побараа оставка од Оливер Вархеји, комесарот кој минатата недела погрешно најави суспензија на „сите плаќања“ на палестинските власти.
Изненадувачкиот потег на Вархеји дојде во раните денови на војната меѓу Израел и Хамас и стана светски наслов, а медиумите ја пренесоа веста како Европската унија да ја прекинала сета странска помош, вклучително и хуманитарните фондови, во време на зголемено човечко страдање во Газа.
„Не можеме да се однесуваме како ова да е вообичаена работа“, напиша Вархеји на X, поранешен Твитер.
На Европската комисија и требаа неколку часа да разјасни дека хуманитарните средства ќе продолжат да течат додека се врши „итен преглед“ на помошта за развој што е наменета, но сè уште не е исплатена.Комисијата подоцна призна дека Вархеји дејствувал по своја лична иницијатива и не го обезбедил благословот на претседателката Урсула фон дер Лајен пред да ги објави пораките на интернет.
„На објавата што ја објави комесарот Вархеји не ѝ претходеа консултации со ниту еден член на Комисијата. Тоа мора да биде апсолутно јасно“, рече Ерик Мамер, главниот портпарол на Комисијата. Извршната власт рече дека, и покрај реакциите предизвикани од пи-ар фијаското, Вархеји нема да биде официјално опоменат и нема да му биде ограничен пристапот до социјалните медиуми.
Некои пратеници имаат сосема поинакво мислење. Меѓупартиска коалиција од 73 европратеници кои доаѓаат од социјалистичката, либералната, зелената и левичарската групација неделава што измина испратија писмо до претседателот Фон дер Лајен во кое ги осудуваат постапките на Вархеји и бараат негова итна смена, што патем не е првпат.
„Комесарот Вархеји немаше овластување еднострано да одлучи за ова (суспендирање), ниту официјално да го соопшти на своите профили на социјалните мрежи без оваа одлука да биде донесена со соодветна постапка“, напишаа тие.
За да го подвлечат своето незадоволство, европратениците ја евоцираа контроверзната епизода од средината на февруари во која се слушаше Вархеји како прашува -„Уште колку идиоти останаа за збор? – за време на сесијата за прашања и одговори со пратениците за Западен Балкан.
„Ние повеќе не ги оправдуваме навредите на Вархеји кон институциите на ЕУ и кон нивното демократско функционирање. Затоа бараме од комесарот Вархеји да поднесе оставка или да биде разрешен од должностите“, велат европратениците во нивното писмо.
„Почитуван претседателе, Комисијата треба да биде примерна во своето демократско функционирање. Дејствата на комесарот Вархеји го поткопуваат не само имиџот на нашите институции, туку и довербата што граѓаните на ЕУ ја даваат во Комисијата“, стои во текстот.
Натали Лоазо, истакната членка на партијата Ренесанса која го потпиша барањето, рече дека објавите на Вархеји на социјалните мрежи посеале конфузија за позицијата на блокот „во најлош можен момент“.
„Подолго време бевме загрижени за начинот на кој комесарот Вархеји ја разбира својата мисија и неговиот мандат“, изјави Лоазо за „Еуроњуз“. „Почесто отколку обратно, имам чувство дека тој ја спроведува политиката на унгарскиот премиер (Виктор Орбан) наместо политиката на Европската унија“.
Нејзиниот ирски колега, Бери Ендрјус, рече дека Вархеји „залутал многу подалеку“ од неговите законски надлежности и дека неговата позиција во Брисел „повеќе не е одржлива“, бидејќи тој го влечел „угледот на ЕУ низ кал“.
„Секој мора да учи од сопствените грешки. Сите грешиме. Добро е што го кажуваме тоа. Но, извинете, тоа беше лош потег, не беше добра идеја“, рече социјалистичкиот европратеник Хуан Фернандо Лопез Агилар, уште еден потписник.
Само една претставничка од централно-десничарската Европска народна партија (ЕПП), најголемата формација во парламентот, го додаде своето име во текстот: Марија Волш. Портпаролот на ЕПП го отфрли писмото како иницијатива „на една група европратеници“ и рече дека работата наместона тоа треба да се фокусира на обезбедување „да нема отстапување на средствата во рацете на организацијата одговорна за масакрот на стотици израелски цивили“, мислејќи на Хамас, која ЕУ и САД ја сметаат за терористичка организација.
„Ова би било најдоброто нешто што треба да го направи Комисијата за да ја заслужи довербата на европските граѓани“, се вели во изјавата на портпаролот.
Запрашана за писмото, кое беше испратено пред итниот состанок на лидерите на ЕУ, Комисијата инсистираше на тоа дека претседателката Фон дер Лајен има „доверба во Колеџот и е фокусирана на сериозната ситуација на теренот“.