Во Собранието има одредени пречки, но доколку има седница веќе следната недела законот за прогласување на Шар Планина ќе биде ставен на дневен ред, верувам дека, најдоцна до јуни ќе славиме, за прогласувањето на подрачје на планината за национален парк, рече министерот за животна средина Насер Нуредини на онлајн презентацијата на истражувањето за јавното мислење на локалното население во регионот на Шар Планина, а во организација на Македонско еколошко друштво и платформата Пријатели на Шара.

– Со донесување на законот ќе обезбедиме еконосмкиот развој на регионот ќе ги заштитиме интересите на окалното население. За оваа активност веќе се обезбедени средства и меѓународни експерти со цел изнаоѓање на најсоодветен начин на управување, потребен за Шар Планина, обезбедување инклузивен процес, одржлив развој на паркот преку користење на можностите кои ги нуди еден ваков парк за локалното население. Во таа смисла добиените податоци од овие анализи што се презентираат денеска од истражувањето на мислењето на жителите на сите 30 населени места во идниот национален парк заедно со социоекономската студија која претходно беше изработена се особено податливи и добра основа за изработка на план за управување со националниот парк – рече Нуредини.

Спроведеното истражување покажа дека расте свеста на граѓаните во однос на зачувување на природата која ја нуди Шар Планина, дури 82,7 отсто од локалното население смета дека Шар Планина треба да се прогласи за национален парк, а 86 отсто сметаат дека регионот ќе има позитивни промени доколку Шара се прогласи за национален парк. Воедно се гледа јасна разлика дека има зголемување на бројот на граѓани кои го разбираат терминот заштитно подрачје.

– Веќе сме на повидок целта да се заштити подрачјето на Шар Планина да биде остварена, успешна заштита денеска во модерното време е единствено возможно со активно учество на граѓаните – вели Богољуб Стеријовски од Македонско еколошко друштво.

Според наодите од истражувањето граѓаните сметаат дека најмногу треба да се заштитат шумите и растителниот свет, но забележано е и губење на довербата кај граѓаните во однос на подобрување на нивната живеачка доколку предвиденото подрачје се прогласи за национален парк.

– На прашањето дали живеачката ќе се подобри или влоши ако регионот се заштити во однос на 2016 година кога имавме 86 отсто кои тврдат дека ќе се подобри сега овој процент е опаднат, и е 68 отсто, интересно е што во длабинските анализи, статистички во поголема мера граѓаните на општина Гостивар покажуваат поголем оптимизам отолку граѓаните во регионот на Тетово – истакна Стеријовски.

Додаде дека во однос на развојот на туризмот голем е оптимизмот кај испитаниците дека подрачјето има потенцијал за развој 98 отсто во 2016 и 92 отсто во 2021 година, како и дека во голема мера е забележан локален патриотизам во делот каде им е поставено прашањето „Дали сакате да пишува еколошки прозивод од Шар Планина?“.

Од Секторот за природа, пак, соопштија дека е донесено решение за привремена заштита на делот од Шар Планина која ќе трае се до прогласување на планината за национален парк.

– Привремената заштита се применува до денот на влегување во сила на законот со кој ќе се прогласи дел од Шар Планина за национален парк. Владата на 58 седница го утврди конечниот текст на Предог-Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк и донесе заклучок да биде доставен на усвојување во Собрнието – велат од секторот.

Според нив со прогласување на Шар Планина за национален парк ќе се заштити огромното природно богатство што го поседува планината, ќе се привлечат странски инвестиции и донации, ќе се зачуваат традиционалните вредности на подрачјето, ќе се развие еко-туризмот, но и дека со оглед на тоа што планината е прекуграничен регион ќе се зацврсти соработката во прекугранични рамки со Косово и Албанија.

– Сите напори и обиди кои ги правиме се секако прв чекор не би имале значење доколку немаме визија за тоа што сакаме да направиме. Во согласност со националното законодавство секако со донесување на законот се воспоставува и јавна установа која ќе управува со паркот и која ќе има соодветни стручни управувачки органи и во кои ќе има претставници на општините. Но, секако и институционалната поставеност не е доволно доколку немаме соодветен план за управување со подрачјето. Затоа важно е сите да се вклучат сите во изработка на планот за идното управување со паркот, подготвителните активности веќе се започнати – рече Искра Стојанова претставник на УНЕП, во своето излагање.

Инаку, според научите истражувања на Шара се регистрирани 1.260 видови растенија од кои 32 се ендемични. Оваа планина има богат животински свет меѓу кои, од крупните цицачи, најатрактивни се кафеавата мечка, дивата коза, рисот и волкот. Шара е трета по ред на Балканот по бројот на глацијални езера, вкупно 30 од кои 21 се постојани. Планина исто така обезбедува дом за над 20.000 луѓе.

На онлајн презентацијата, исто така, беше заклучено дека прогласување на едно подрачје за национален парк не значи забрана за секакви човечки активности, напротив подразбира признавање на постоењето на единствено природно богатство во одреден регион и давање можност и начин за негово зачувување. А, извлечената забелешка која што е дадена од испитаниците е дека „Подобра од Шара, не треба да се бара“.

Оваа активност се одржа во рамки на проектoт „Спроведување на договори за биодиверзитет“, поддржан од Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа на ГИЗ којшто се спроведува во име на германската Влада.