„Раководството делело наши лични пари без критериуми и кочници, а Народна банка молчела и одобрувала. Како инаку да се објасни криминалното портфолио на правни лица со ненаплатливи кредити од 73 отсто, кое е повеќе од 18 пати поголемо од просекот на сите банки во земјава кое изнесува околу 4 отсто, согласно тврдењето на официјални лица од Народна банка. И во најоптимистичките сценарија, јасно е дека Народна банка го дозволила и со тоа учествувала во грабежот на нашите депозити и воедно направила сѐ спротивно од тоа што ѝ е законска обврска да ги заштити нашите лични парични средства доверени во лиценцирана и контролирана банка.

Прашуваме, како тоа Мустафа Деари, сопственик и управител на фирмата за градежништво, трговија и услуги Багкоп Мустафа ДООЕЛ експорт-импорт, има долг кон банката од 1.250.000 евра и нема платено ниту една рата цели 438 дена пред нејзино затворање или од мај 2019 година. И никој во Еуростандард банка не ги побарал и не преземал ништо овие наши доделени лични парични средства да се вратат од каде се земени.

Фирмата Багкоп е основана во мај 1991 година, со непаричен влог од 3.180 евра. Седиштето на фирмата е во село Мала Речица, Тетовско. Како главна дејност, фирмата се занима со изградба на патишта и автопати и има само еден вработен.

Според билансите на фирмата, таа била и е презадолжена. Во изминатите 5 години обврските на фирмата во однос на вкупната актива се движеле од 97 до 99 отсто. Во последните неколку години, долговите на фирмата биле од 1.300.000 до 1.500.000 евра, додека акумулираниот капитал на фирмата изнесувал од 30.000 до 36.000 евра, што значи таа имала висока презадолженост од 36 до 49 пати. Фирмата има екстремно висок ризик, најлоша кредитна оценка и висока кредитна изложеност од работењето. Како високоризична фирма не можело ниту смеело да ѝ се додели кредитен лимит. Согласно перформансите, фирмата е неликвидна и не може да ги сервисира тековните обврски со тековните средства.

Прашуваме, како фирмата на Мустафа Деари има долг од 1.250.000 евра, врз основа на хипотека од станбен простор и залог на опрема со проценета вредност од 568.000 евра или помалку од половина од вредноста на долгот, добила кредит? Дали назначениот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција во случајот со Еуростадард банка го прашал Мустафа Деари како го земал кредитот од банката и не исплаќал рати подолг период? Дали Мустафа Деари кажал каде завршиле нашите пари и кој сѐ учествувал во нивната поделба? Дали тој ќе ги врати нашите „позајмени“ пари?

Криминалот има име и презиме. За некои веќе објавивме и ќе ги потсетуваме, а за сите останати случаи следат јавни објави и нивно процесуирање во судски постапки“, соопшти Правда за штедачи.