Во Собранието денеска ќе се гласа за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување, по скратена постапка, чиј предлагач е Владата.
Што побрзо се усвојат законските измени, толку побргу пациентите ќе имаат поедноставна и побрза достава на сите лекови, изјави деновиве проф. д-р Ана Данева Маркова, советник за здравство на премиерот, во одговор на новинарско прашање дали очекува дека брзо ќе бидат усвоени тие измени и оти сите пациенти коишто имаат цистична фиброза, ќе добијат лек „трикафта“.
Со Законот е уредено прашањето за формирање на комисија за давање на предлози за ставање на лекови на Листата на лекови што паѓаат на товар на фондот, како и методологијата согласно која се врши проценка и рангирање на лековите што се ставаат на Листата на лекови.
Со предложените измени и дополнувања на Законот за здравственото осигурување се предлага дополнување на Законот со одредби со кои се допрецизира комисијата на лекови со цел да се создадат можности за непречено работење на комисијата. На овој начин ќе се обезбеди поефикасно и поекономично работење. Исто така се проширува надлежноста на Фондот за давање на мислења за влијанието на буџетот на Фондот.
– Начинот и методологијата за утврдување и донесување на Листата на лекови што паѓаат на товар на Фондот, се утврдуваат со подзаконски акт што го донесува министерот за здравство, а по претходно добиено мислење од Фондот. Министерот за здравство формира стручна комисија што го утврдува предлогот на Листата на лекови што паѓаат на товар на Фондот, согласно со меѓународната ATC класификација на лекови. Стручната комисија е составена од девет членови: двајца претставници од Министерството за здравство, двајца претставници од Фондот, тројца доктори – специјалисти од различни области со најмалку десет години работно искуство, еден клинички фармаколог кој има најмалку десет години работно искуство и еден фармацевт кој има најмалку десет години работно искуство во струката. При формирање на комисијата се применува начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците. Мандатот на членовите на комисијата од ставот 3 на овој член, трае една година со право на уште еден избор последователно, се наведува во предлог – измените.
Како што се појаснува, членовите на стручната комисија одлучуваат по претходно добиено мислење, формирано со мнозинство гласови од стручниот колегиум на соодветната универзитетска клиника, во чијашто област спаѓа терапевтската индикација на лекот за која што стручната комисија одлучува, согласно меѓународната ATC класификација на лекови.
– Стручниот колегиум од ставот 6 на овој член, има обврска да даде мислење во рок од 30 дена од денот кога е побарано мислење од страна на стручната комисија. Во спротивно, стручната комисија одлучува без добиеното мислење, се додава во предлог – измените.
За еден лек, стручната комисија може да добие мислење од повеќе универзитетски клиники.
– Начинот на работа и одлучување на стручната комисија од ставот 2 на овој член, се уредува со деловник за работа на стручната комисија кој го утврдува министерот за здравство. Средствата за работа на стручната комисија ги обезбедува Министерството за здравство. Надоместокот за работа на секој член на стручната комисија се исплаќа во висина од 50 отсто од минималната нето плата во Република Северна Македонија, согласно прописите со кои се утврдува минимална плата во Република Северна Македонија, за месеците во кои членот на стручната комисија учествувал во работата на стручната комисија, пишува во предлог – измените.