Стопанството затечено, транспортерите гневни, народот со остри реакции по последната најава на премиерот Зоран Заев дека од наредниот месец на горивата ќе се плаќа еколошка такса од 3, 5 денари. Ова според бизнисмените силно ќе удри и врз така кревката економија, која трпи и во иднина ќе трпи огромни последици од Ковид пандемијата.
Како последица на кризата веќе имаме забележлив пораст на цените, што само ќе се засили со воведување на еколошка такса. Еколошкото оданочување кое има функција на дестимулирање на однесувања и активности кои придонесуваат кон загадувањето, треба да има приоритет, но и неговото воведување мора да има одредена динамика.Воведување на ад хок решенија создаваат непредвидливост и несигурност што директно негативно влијае на намалување на активноста на стопанството – велат од Сојуз на стопански комори.
Транспортерите побараа Владата да се премисли од воведување на еколошката такса за сите горива, во спротивно ќе излезат на протести. Од Макам транс велат дека се затечени од одлуката на Владата од 1 јули да се воведе еколошка такса од 3,5 денари за сите горива. Се жалат дека воопшто не биле консултирани. Претседателката Билјана Муратовска вели дека превозниците се уште се справуваат со ударот од пандемијата, а ова за нив, но и за сите граѓани ќе биде уште поголем „шок.“
„Држави од ЕУ воведуваат сосема друг начин за собирање на средства поврзани со активности на држава, давање стимулации за замена на возен парк кој е застарен, проекти преку ИПА, патарини, регистрации.., а не со гориво, на овој начин сите не казнуваат, особено превозниците кои се презадолжени со кредити./ до ден денеска ниту сме консултирани, ниту сме прашани за било какво мислење за воведување на оваа еколошка такса.“ изјави Билјана Муратовска, претседател на Макам-транс.
Зголемувањето на давачките несомнено ќе влијае врз зголемувањето на инфлацијата. Како резултат на еколошката такса, ќе растат цените на основните прехрамбени продукти, а семејниот буџет ќе стане уште потенок – алармираат експертите. Велат тоа непланирано ќе ги зголеми трошоците на компаниите, кои ќе бидат принудени да ги покачат цените на производите. А тоа пак уште повеќе ќе ја подгрее инфлацијата која во мај изнесуваше 3 проценти.
Новата давачка ќе стартува од наредниот месец. Планирано е со неа да се соберат 34 милиони евра за една година, пари кои ќе се користат за инвестиции во обновливи извори на енергија.
И покрај силните реакции од сите засегнати страни, премиерот Заев со своја економска логика. Вели дека новата давачка нема да влијае врз стандардот на граѓаните и нема да влијае врз инфлацијата, затоа што сме имале најниски цени на горивата. Тој изјави дека на овој начин ќе се зголеми свесноста за екологијата и им порача на граѓаните наместо автомобили, да возат велосипеди, тротинети и електрични возила.
Граѓаните велат дека новите цени дополнително ќе ја уништат работничката класа, која и онака има ниски примања. Тие коментираат дека секоја Влада се бира од граѓаните која има за цел да го подобри стандардот на граѓаните, а не да соли памет кое превозно средство да се користи.
Гневно, коментираат дека можеби е време за “Жолти елеци “ во Македонија како пандан на оние во Франција, односно протести што започнаа како глас на побуна против најавеното поскапување на цената на горивата, познати под називот „Жолти елеци.
Патем ваква поука да се возат тротинети и велосипеди, премиерот не испрати до неговите министри кои си набавија 45 возила на лизинг за нив. Цехот на крајот и за овие возила го плаќа народот и стопанството.