Неуспешно заврши денешната посета на Комесарот за поширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва.
Нивниот предлог, за надминување на блокадата за старт на преговорите со Македонија, не беше прифатен во Софија. Тие денеска не успееја да ги убедат бугарските челници. По средбата, шефот на дипломатијата во привремената техничка влада на Бугарија, Светлан Стоев, изјави дека не може да се очекува промена на националната позиција на Бугарија во однос на Република С. Македонија и дека гаранциите дека Скопје ќе го спроведе билатералниот договор од 2017 година остануваат клучни.
Од Бугарија еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и министерот за надворешни работи на Португалија, Силва, во Скопје го донесоа предлог-решението за надминување на проблемот со Бугарија. Премиерот Зоран Заев во изјавата по средбата го оцени како добра основа за отстранување на сите пречки и за отворање на преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за С. Македонија.
„За нас е особено важно што со ова предлог-решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија. После ова, сметаме дека сме во вистинскиот момент да одиме чекор понатаму, да се вложиме сите и час поскоро да постигнеме договор во интерес на заедничката европска иднина“, рече Заев.
По средбата во Скопје, Ееврокомесарот за проширување Оливер Вархји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва не дадоа изјави пред медиумите, туку своите ставови ги кажаа во изјави претходно снимени. Далеку од очите на јавноста зад затворени врати во клубот на пратеници ги пречека Премиерот Зоран кој и покрај тврдиот став на Бугарија и натаму останува оптимист.
И додека Вархеи и Силва нудеа решение за двете страни, бугарската новинска агенција БГНЕС веќе имала увид во предлозите на португалското претседателство, па во посебна анализа појаснува дека тие се втемелени на идејата проблемот меѓу Скопје и Софија да не се решава низ преговарачката рамка за членство во ЕУ, туку преку процесот за стабилизација и асоцијација.
Документот, до кој бугарските медиуми тврдат дека имаат пристап, според нив, предвидува Скопје да прифати дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година, без бугарското барање за потеклото на македонскиот јазик. А, прашањето за користење на краткото и целосно име на Република Северна Македонија се очекува да се реши преку еднострани изјави. Се препорачува и ангажман на странски експерти во билатералната комисија за историја.
Медиумите во Софија исто така известуваат дека овој предлог е неприфатлив за бугарската страна, и дека станува збор за притисок врз Софија со нова верзија на стариот предлог на Берлин, која Софија го одби минатата година.
Бугарија лани ги блокираше македонските интеграции со тврдење дека соседот кандидат за членство не ги исполнува обврските од меѓусебниот договор, најмногу поврзани со историјата, јазикот и идентитетот.