Љубовта кон децата и желбата еден ден да работи со нив, биле главен мотив за Зорица Шикоска, при изборот на факултет, работата да и биде директно поврзана со деца и одлучила да стане логопед. Речиси 20 години таа е успешна во својата професија, посветувајќи им се целосно на најмладите.
Работата со деца за неа е прекрасно нешто. Нема проблеми во однос на адаптацијата бидејќи пред се работи со дечиња, кои посетуваат градинка, имаат комуникација со воспитувачките и брзо се прилагодуваат.
– Среќата и радоста во детските очи ми е мотивација за мојата понатамошна успешна работа и професионален ангажман, вели Шикоска за МИА.
Состојбата со говорот кај најмладите, забележа таа, од година во година е се полоша, а причината ја гледа во екранизацијата. Токму затоа, препорачува насочено и ограничено седење пред компјутер, телевизор или со телефон во раце.
– Како што минува времето состојбата со говорот кај дечињата е многу хаотична. Првично, децата немаат доволно развиен говор или им е нарушен говорот, затоа што ги користат телефоните. Да тоа е точно, екраните си го прават своето, но родителите се тие, кои имаат најголема улога во развојот на говорниот апарат кај дечињата, затоа што немаат комуникација со нив. Ние како родители се враќаме од работа дома и најлесно ни е, еве го телефонот гледајте. Ја немаме таа комуникација со децата да ги прашаме првично како сте, дали сакате нешто, ајде заедно да поиграме. Ги истураме коцките во собата и викаме ајде играј си сега. Секоја игра треба да биде насочена со дечињата, на тој начин можеме да го поттикнеме говорниот развој кај децата, смета Шикоска.
Екраните, телевизорот и телефоните смета дека влијаат многу негативно врз когнитивниот, емоцијалниот и социјалниот развој на детето.
– Од тоа последователно се јавува промена во расположение кај детето, депресија, претеран бес, слаба контрола на однесување, проблеми со спиење, недостиг на концентрација, кратко внимание. Покасно сето тоа влијае до слаб когнитивен развој, односно бавно размислување, бавно помнење, слаб развој на фантазија и самостојни игри, бавен јазично – говорен развој, лошо јазично изразување, оскуден или сиромашен речник. И покасно веќе во училиште проблеми со помнење, слаба концентрација, кратковидост, тешкотии со спиење, недостаток на телесни активности…., посочува логопедот.
Според неа, користењето телефони и комјпутери и гледањето телевизија треба да е умерено, односно ограничено и насочено.
– Точно е дека телефоните помагаат, но само ако ги гледаме и слушаме цртаните на македонски јазик. Кај нас дечињата паралелно го учат македонскиот и англискиот јазик. Да, некои дечиња ја имаат таа способност да ја направат паралелата дека боите можат да ги кажат и на македонски и на англиски јазик, но многу често 90 отсто од децата првично го учат англискиот јазик, тоа е така зошто него го слушаат. Нивното внимание е насочено кон телефоните, кон цртаните филмови и игрите што ги играат, а тоа им е приложено на англиски јазик, истакнува Шикоска.
Како стручно лице советува децата никако да не се хранат со телефон во раце, туку да се оставаат сами да јадат.
– Детето треба да се научи правилно да ја држи лажицата. Очекуваме дека ќе почне во училиште и ќе му дадеме моливче во рака и бараме да направи права линија. Како ќе ја направи таа права линија кога не знае да ја држи лажицата, децидна е Зоре.
Целото интервју на МИА.