Македонските затвори се соочуваат со сериозен проблем на пренатрупаност, со над 2.000 осуденици кои чекаат да ја издржат затворската казна, додека државата нема доволно простор за нив. Покрај пренатрупаните затвори, според актуелните податоци, трошоците за еден затвореник годишно надминуваат 10.000 евра, што создава дополнителен товар за буџетот. Владата разгледува неколку решенија, вклучувајќи условен отпус, електронски надзор, и подобра ресоцијализација на осудениците, со цел да се намали притисокот врз затворите.
Домашен затвор како алтернатива на пренатрупаните затвори
Едно од предложените решенија за справување со пренатрупаноста е одлежување на казната во домашни услови со помош на електронски надзор. Овој модел би можел да ја олесни ситуацијата во затворите додека се чека на изградбата на втората фаза од затворот во Идризово, за што средства постојат, но проектот е ставен под мораториум, како што информира Александар Пандов, директорот на Управата за извршување на санкции.
Закони за амнестија не решија ништо
Билјана Коцевска, судијка од Кривичниот суд, истакна дека и покрај неколкуте донесени закони за амнестија, проблемот со пренатрупаните затвори останува нерешен. Според неа, почстото изрекување на условна осуда со заштитен надзор би било поефективно решение за олеснување на притисокот во затворите.
Повратници и нехумани услови
Според Здружението на млади правници, клучен проблем во македонските затвори е високата стапка на повратници. Секој втор затвореник е повратник, што укажува на потребата од поефикасна ресоцијализација. Освен тоа, условите во кои престојуваат затворениците често се далеку од хумани. Иако околу 400 затвореници се со А третман, останатите престојуваат во нехумани услови, без соодветна здравствена заштита. Овие проблеми беа забележани и во ланскиот Европски извештај за напредок на Македонија.