Најголемиот број на претставки до Народниот правобранител се однесуваат на заштита на правата од областа на правосудството, потоа следат претставките од областа на детските права, а на трето место се потрошувачките права, информираше денеска народниот правобранител, Насер Зибери, при презентацијата на Годишниот извештај за степенот на обезбедување почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година.
Изминатата година, Народниот правобранител примил 2 686 претставки, 389 предмети биле пренесени од претходната година, односно, бројот на предмети кои ги разгледувала оваа институција во 2021 година изнесувал 3 075.
– Најголемиот број на примените/заведените претставки се однесуваа за заштита на правата од областа на правосудството 436 што претставува 16,23 отсто од претставките, потоа следат претставките од областа на детските права 254 или 9,46 проценти, на трето место се потрошувачките права 228 или 8,49 отсто. Во областа работни односи беа поднесени 218 или 8,12 проценти, во социјалната заштита 183, односно 6,81 отсто, за казнено-поправните и воспитно-поправните установи 162 или 6,03 проценти, за имотно-правната област 150 или 5,58 отсто, за урбанизмот и градбата 136 или 5,06 проценти, како и претставки од други области, сподели Зибери.
Од вкупно 3 075 предмети, примени/заведени во 2021 година, Народниот правобранител покренал постапка по 2 085 или 67,80 отсто од претставките, од нив, во 755 или 35,82 проценти констатирал повреда на човековите слободи и права, и интервенирал со цел отстранување на повредите, односно остварување на правата на граѓаните-подносители.
– Од вкупно 755 предмети во кои Народниот правобранител утврди повреди и ги презеде сите законски дејствија, во 500 или 66,23 проценти случаи органите на државната управа, другите органи и организации со јавни овластувања ги прифатија интервенциите на Народниот правобранител, дополнува тој.
Во 232 или 30,43 отсто случаи, по констатираната повреда Народниот правобранител доставил укажување за начинот на отстранување на констатираната повреда до надлежниот орган кое не било прифатено, по што согласно законските надлежности, презеле други дејствија, односно доставиле информации, посебни извештаи до повисокиот орган, по што ги исцрпиле сите законски можности, а во 23 или 3,05 проценти од случаите, по констатирана повреда и доставена препорака, сѐ уште се чека одговор од надлежниот орган.
Правобранителот го издвои проблемот при обезбедувањето/промената на документи за лична идентификација и застојот во нивното издавање. Според него, оваа состојба влијаеше на егзистенцијата на граѓаните поради неможноста да си ги подигнат своите плати, пензии, средствата кои ги добиваат на име социјална помош.
Според претставките во правосудството, пак, Народниот правобранител посочи дека се неопходни системски измени во делот на пресметувањето на каматата, во насока дека не може да се наплати камата која би била поголема од главниот долг.
Значително бил зголемен и бројот на примени претставки во областа на детските правa и тоа во сите сегменти, посебно во делот на остварување на правото на образование, по воведувањето на новата концепција за основно образование која предвидуваше замена на хартиените со дигитални учебници.
До Народниот правобранител, граѓаните и натаму поднесувале претставки кои се однесувале на наплатата на радио-дифузната такса, иако, како што рече Зибери, поминаа речиси четири години од укинувањето на оваа давачка.
– Ваквата состојба, пред сѐ се должи и на тоа што и оваа извештајна година од страна на надлежните органи и институции не се преземаат дејства согласно општите препораки на Народниот правобранител, дадени во неколку годишни извештаи, да се утврди одговорност за состојбата со огромниот број неосновани поединечни запишувања во регистарот на обврзници за радио-дифузна такса, како и за недонесувањето одлука од раководството на Националната телевизија за отпис на неосновано евидентираните долгови на име на оваа давачка, рече тој.
Казнено-поправните установи/домови и Воспитно-поправните установи, според констатациите на Народниот правобранител повторно се соочуваат со состојба на прекубројност, која што е особено изразена во установите од затворен вид, како и во затворените одделенија на установите.
Зибери го дополни и потенцира проблемот со несоодветниот третман на малолетничките упатени на издржување воспитно-поправна мерка, за кои, по написите на МИА, Народниот правобранител оствари дополнителна посета по службена должност и констатира дека Казнено-поправниот дом Идризово не е соодветна установа за сместување на деца, од причина што нема услови за остварување на основната цел на упатувањето на издржување воспитно-поправна мерка, а тоа е нивното превоспитување, како и услови за задолжително образование и воспитување и услови за активно користење на слободното време. Наведе и дека нема подобрување и во поглед на обезбедувањето на образовен процес, пред сѐ за малолетниците, и тоа, како што рече, го смета за голем проблем за кој во наредниот период заедно со надлежните ќе бараат решение.
Минатата година до Народниот правобранител биле поднесени и голем број на претставки од областа работни односи, а кои се однесувале на претставки за неоснованото поведување на дисциплинска постапка, право на годишен одмор, распоредување на пониско работно место, непочитување на законските одредби при унапредување и слично, потоа претставки за заглавени предмети за денационализација на релација комисии Управен суд, како и за работата на полицијата, посебно во сегментот на расветлување на кражби на подрачјето на полициските станици Центар и Бит Пазар.
Одговарајќи новинарското прашање на МИА на што најчесто се однесуваа постапките што се поведени самоиницијативно и дали постапката за Воспитно-поправните домови е по допрен глас или претставка, Зибери рече дека првата посета била по нивна иницијатива и тоа по две основи, првиот пат по основа на националниот превентивен механизам, но, и по заштита, а вториот пат по допрен глас направена е специјална посета каде што се потврдени констатациите и наводите изнесени во медиумите.
– По сопствена иницијатива имавме и други предмети, како што беа иницијативата за воведување дигитални учебници и таканаречениот „извиднички камп“, и други прашања, рече Зибери.
Тој се се пожали дека се во постојан конфликт со Министерството за финансии и со Владата во врска со буџетот, заради, како што рече, рестриктивниот однос кој го имаат кон институцијата Народен правобранител, и информираше дека буџетот на Народниот правобранител е скратен за 30 отсто за временски период од една година.
– Јас ова го сфаќам како намера на Владата да не овозможи квалитетен надзор на работата на органите на управата со недостаток на средства односно недоволно екипирање, и средства за соодветно делување на институцијата Народен правобранител, нагласи тој.
Додаде дека неслучајно Националната институција за заштита на човековите права нема статус „А“ согласно Париските принципи, затоа што, како што потенцираше, Македонија не исполнува ниту еден од трите критериуми, средства, кадар, и простории.
Во однос на прашањето дали се излезени во пресрет институциите за можноста за евидентирање на матична книга на родени на таканаречените „фантоми“, Зибери потсети дека пред извесно време е изготвен посебен извештај во таа насока, и дека по деталните анализи констатирани се многу пропусти. Тој рече дека институцијата ќе ги следи состојбите и дека еден од заклучоците од состанокот на институцијата е да се поднесе барање за продолжување на важноста на рокот на овој закон.
– Поднесени се околу 650 барања, само околу 300 се запишани во посебната книга, но, ова е најважното, скоро ниеден не е запишан во матичната книга на родени, нагласи Зибери, и додаде дека соодветно на тоа тие се лишени од правата за образование, вработување, здравствена заштита, социјална сигурност и многу други права.
Во своето обраќање, Зибери истакна дека се надева дека годинава пратениците невреме ќе ги утврдат мерките за спроведување на општите препораки, дека Владата ќе ги почитува законските одредби и два пати годишно ќе информира за нивното имплементирање, затоа што на тој начин, како што рече, „ние како институција ќе ја добиеме сликата за тоа кои промени се направени, каде е подобрена состојбата, затоа што сите имаме иста цел, граѓаните без никакви потешкотии да си ги остваруваат нивните права, а државата/администрацијата да биде нивен вистински сервис“.