Приклучувањето на четири економии од регионот, Србија, Албанија, Северна Македонија и Црна Гора, во програмата Дигитална Европа претставува голем напредок, што им отвора можности да ја искористат програмата вредна речиси 7,5 милијарди евра, рече генералниот секретар на Регионален совет за соработка (РСС) Маљинда Брегу, пренесува Aljazeera Balkans.

„Она што некогаш изгледаше речиси утопично стана реалност од 2021 година, кога беа укинати таксите за роаминг во регионот. Продолжуваме да ги одржуваме нашите ветувања за роаминг. При првиот регулаторен дијалог укажав дека следен предизвик е да се намалат огромните трошоци за роаминг помеѓу Европската Унија и регионот. „Од 1 октомври очекуваме просечно регионално намалување на трошоците за пренос на податоци во роаминг за 30 отсто“, рече Брегу.

На состанокот во Брисел се собраа министрите задолжени за комуникации од регионот на Западен Балкан, претставници на Европската комисија и претставници на регулаторните органи и агенциите за комуникации од регионот.

Интеграција во единствен дигитален пазар

Во просек, 72,5 отсто од домаќинствата во Западен Балкан имале пристап до фиксни широкопојасни мрежи со брзина поголема од 30 Mbps, во споредба со 90 отсто во ЕУ.

Дополнително, само 35 отсто од граѓаните во регионот поседуваат барем основни дигитални вештини, додека просекот во ЕУ е речиси 54 отсто, според RCC.

Само три проценти од претпријатијата во Западен Балкан користеле најмалку една технологија за вештачка интелигенција, додека оваа бројка во ЕУ е речиси три пати поголема, при што малите и средните претпријатија во регионот користат дигитални технологии многу помалку во споредба со просекот на ЕУ.

Претстојниот План за раст за Западен Балкан, кој треба да вклучи постепена интеграција во единствениот дигитален пазар и поголема финансиска помош, може да биде главниот двигател на дијалогот и соработката со ЕУ, според СРС.