Раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски појасни дека авионот „Хекрулес 530“ е товарен и е прилагоден дополнително за гасење на пожари.

– Се работи за специјализиран авион, за специјализирана намена кој со себе носи материјално-технички ресурси, носи луѓе, пожарникари и шесттонски кеси наполнети со вода и при летањето на подрачјето кое му се задава како координати за активен пожар тие се хидраулични и во форма на падобран бомба се концентрираат на пожарното дејствие каде практично е изворот на жариштето на пожарот. Тоа се големи авиони, нормално во координација со ВИНГ-от и со Генералштабот, нагласи Стојановски.

Тој потенцира дека оперативниот центар денеска ќе се одлучи од каде овој авион ќе се полни со вода, имајќи предвид дека со правилата на УНЕСКО тоа е забрането на Охридското Езеро.

– Имаме две можности – Преспанско Езеро и уште едно од поголемите вештачки езера, така што денеска ќе одлучиме како тоа ќе се врши и верувам дека денеска во 17 часот во пресекот на денот ќе имаме јасна информација за начинот и процесот и постапката на негово дејствување, рече Стојановски.

Тој рече дека верува оти со овие материјално-технинчки средства и летала кои навистина се користат за оваа намена, за големи пожари и ќе бидат добредојдени со оглед на временските педиспозиции кои се очекуваат – сончево, топло време и можноста од дополнителен развој на ситуацијата со дополнителни пожари многу ќе придонесе за да можат со нив да се справат.

Во врска со состојбата со пожарите Стојановски посочи дека во моментот Пехчево е најкритично.

– Утрово имавме добра температура од 9 степени која на некој начин дозволи сите хеликоптери да се кренат и да дејствуваат во тој правец. Тоа е Пехчевско-беровскиот регион затоа што пожарот и дејствијата на пожарот се одвиваат во таа насока. Сите материјално-технички ресурси и голем број човекови ресурси се во правец Пехчево – Берово, додека другата сила материјално-техничка и ресурси човекови се концентрирани во појасот на Делчево кон Разловци, затоа што во можност да се дејствува што повеќе за да се спречи пожарот да избие кон Берово, односно кон Голак, истакна Стојановски.

Во Штип, потенцира, има повторно реактивирање на пожарот во Криви Дел и таму се 35 војници и противпожарни екипи, а таму се и дел од Шумско стопанство кои повторно дејствуваат. Тој појасни дека теренот на кој е пожарот е многу непристапен.

– Имаме мака во тој дел, и кон Кадрифаково, тоа е на граница меѓу Штип и Свети Николе. Во Прилепско има два пожари. Едниот пожар е сосема под контрола и нема никаков проблем. но вториот пожар што е под Плетвар. Малку потежок заради непристапноста на теренот и во овој момент дејствуваат се додека е вакво времето, температурата е во ред за да може да се дејствува. Меѓутоа, оној непристапен терен не дозволува во моментот да можете со сите капацитети и сили да дејствувате. Се држи под контрола. Се договоривме со градоначалникот да видиме во текот на денот ако има потреба најверојатно ќе интервенираме и со летало. Ќе видиме какви насоки ќе добиеме, додаде Стојановски.