Во битолскиот дел на Пелагонија најголем дел од жетвените активности се во завршна фаза, а агроексперите советуваат дека после жетвата на житните култури потребно е да се изведи длабоко орање на ослободените површини.
Августовското орање заедно со користењето на органски и минерални ѓубрива претставува многу корисна агротехничка мерка, посочуваат агроексперти за МИА.
–Во овој период сувото и жешко августовско време ги принудува фармерите почесто да ги наводнуваат земјоделските површини. Водата несомнено ќе ги зголеми приносите кај пченката, но во втората половина од месецот може да се покаже штетно за цвеклото. Тоа ќе ги намали шеќерните единици и ќе ги влоши технолошките својства на коренот. Месец август е време за берба на некои поледелски култури, како сојата, гравот и други и затоа е многу важно да се утврди точното време за берба, бидејќи од тоа ќе зависи квалитетот на производството, соодветноста за обработка, складирање или директна употреба. При берба, сојата треба да добие кафеавкаста или златно – жолтеникава боја, семето да е цврсто, а листовите да почнат да венеат. Потребно е гравот да се исуши на сонце. Доколку тој содржи влага повеќе од 14 проценти, зрното ќе ја загуби белата боја и ќе пожолти, а исто така не е исклучено и појава на мувла, посочуваат пелагониските агро експерти.
Август е месец, во кој што градинарите имаат обилна работа. Имено, во овој период треба да се продолжи со грижата за првите посадени култури, градинарите во Пелагонија се подготвуваат и за садење на вторите култури, а се наметнува и бербата.
– Треба да се има предвид дека, треба да се отстранат деформираните, заболени и нестандардни плодови од краставици, домати и пипер. Тоа ќе овозможи нормален раст на новите заврзоци, ќе се намали опасноста од зараза и воопшто ќе се добие подобар и порентабилен производ. За да се намали опасноста од болести и штетници во градинарските култури, не е доволно тие само да се испрскаат. Потребно е да се испрска и уништи и плевелот во и покрај површината засадена со градинарски култури. Во овој период сите зеленчукови култури имаат потреба од вода, а најдобро време за наводнување е во раните утрински часови или подоцна навечер. Вода од ХС „Стрежево“ има доволно, посочуваат пелагониските земјоделци.