Градоначалничката Данела Арсовска на својот Фејсбук профил објави дека проектот за автобуско метро ќе продолжи во Скопје по надминување на претходните пречки. Системот за брз автобуски превоз, вреден 70 милиони евра, доби одобрение од меѓународните партнери и треба да започне имплементацијата.

Сепак, допрва ќе се откриваат конкретни детали за измените на првичниот план од претходната администрација на чело со Петре Шилегов. И покрај значењето на проектот, Арсовска нема одржано прес-конференција, ниту пак даде дополнителни информации за јавноста.

САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до Арсовска и нејзиниот кабинет да ни појаснат точно кои пречки се отстранети, односно да ни кажат што не било соодветно испланирано во решението оставено од Шилегов и што сменил нејзиниот тим. Како цел двегодишен мандат, Арсовска повторно не одговори на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК.

Од Министерството за транспорт и врски соопштија дека е потпишан договор за финансирање на проекти, но не знаат за какви било измени на планот и предложија да се обратат до Град Скопје за повеќе информации.

Шилегов тврди дека Арсовска го продолжува процесот започнат за време на неговиот мандат и ја доведува во прашање способноста на актуелното раководство успешно да го спроведе проектот поради нивниот недостаток на напредок во други важни урбанистички иницијативи. Проектот за автобуско метро, кој вклучува две линии и посебни ленти за автобуси, беше воведен од Шилегов и експертите на ЕБОР во јули 2021 година. Плаќањето за системот ќе се врши на затворени станици, слично на метро-станиците, наместо на автобусите.

„Од една страна е добро, а од друга страна е жално што дури сега Градот одлучи да ја продолжи имплементацијата на БРТ-то или автобуското метро како единствен одржлив начин за организиран систем на урбан транспорт на луѓе. Ова го кажувам имајќи ја во предвид материјалната состојба на Градот и на државата, затоа што БРТ е супституција за трамвај за којшто немаме пари. Очигледно е дека вистината излегува на виделина и градоначалничката мора да се соочи со сопствените лаги бесрамно кажувани во кампањата за изборите во 2021 година. Лично, се сомневам дека ова градско раководство има капацитет да го организира и имплементира процесот на БРТ, кој подразбира посветена работа и завршување на низа други постапки. Еве видете, постапката за пречистителната станица која исто се прави со европски пари не е мрдната од место две години. Исто така, заглавен е и Генералниот урбанистички план и Скопје две години нема план за развој, а најважно од сè за успешна имплементација на БРТ-то е да биде довршен ГУП-от. Заглавено е и носењето на планот за урбана мобилност на Скопје од кој, пак, произлегува имплементацијата на останатите автобуски линии кои ќе бидат во служба на автобуското метро. Ние тој процес го почнавме во 2021 година, но со доаѓањето на Арсовска и тој проект е застанат. Последната ваква анализа е направена во 1984 година“, вели ексградоначалникот Шилегов.

Откако беше избрана за градоначалник во ноември 2021 година, Арсовска најави дека нема да го продолжи проектот Брзиот транзит со автобуси (БРТ), инициран од нејзиниот претходник.

„Јас БРТ не ветив, туку брз, навремен и бесплатен јавен превоз и нови 250 автобуси. БРТ беше проект на мојот претходник, кој не беше избран на овие избори, што значи дека граѓаните не го одбраа тој проект. Кога тој ги доби изборите пред 4 години, во кампањата не ветуваше БРТ, туку го претстави подоцна. Јас ќе се фокусирам да го реализирам она што јас го ветив во мојата програма и за што бев избрана“, рече тогаш Арсовска.

Наместо тоа, таа вети брз, сигурен и бесплатен јавен превоз со 250 нови автобуси. Но, за време на нејзиниот двегодишен мандат не се набавени нови автобуси, а не е воведен и бесплатен превоз. Јавниот превоз во Скопје стана несигурен, со долго чекање до 45 минути. Во октомври минатата година, штрајкот на возачите на ЈСП „Скопје“ доведе до целосно исклучување на јавниот превоз. И приватните оператори престанаа со работа, и покрај претходниот став на Арсовска дека тие се непотребни. По шестмесечни непријатности за патниците, повторно беа воведени приватните оператори, а со нив беше склучен нов договор.

Извор: Сакам да кажам