Отворено писмо до г. Макрон, претседател на Република Франција
Почитуван господине Емануел Макрон, претседател на Република Франција,
Јас, како професорка по македонски јазик со француски јазик и книжевност, но пред сè како родена Македонка, поттикната од Вашето писмо, сметам дека во името на мојот македонски народ треба да истакнам неколку работи во интерес на вистината.
Најнапред би сакала да истакнам дека Македонците имале, имаат и ќе имаат достоинство не затоа што ќе им го даде Европската Унија, туку затоа што го носат во своите гени пренесувани со милениуми на ова библиско парче земја што се вика Македонија. Достоинството на луѓето се чува ако се чуваат основните национални обележја, а тоа се јазикот, историјата и културата! Затоа нашиот уникатен македонски јазик не смее да се сведе само на службен јазик на кој ќе се преведат актите на Европската Унија, а неговото именување и нашата историја не смеат да зависат од некакви унилатерални или билатерални акти што ќе ги наметне Бугарија и некои идни магливи комисии! Историјата е егзактна наука зашто се занимава со факти, односно со настани што веќе се случиле (ние, лингвистите, тоа го нарекуваме зона на фактивноста), а нашата историја е засведочена во голем број извори и документи, исто како што писмената трага на нашиот јазик ја следиме од 9 век, од времето на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, па сè до денес.
Почитуван претседателе Макрон!
Македонскиот јазик го зборуваат сите жители на Република Македонија без разлика на својата етничка припадност, но и Македонците што живеат во соседните држави. За жал, европската „демократија“ досега не им овозможила да го изучуваат својот мајчин јазик токму во нашите соседни земји кои се членки на Европската Унија, односно во Република Грција и во Република Бугарија. Токму таа европска „демократија“ пропагира дека добрососедски односи се градат врз база на почитување на правото на сите граѓани да се изјаснат така како што се чувствуваат, но тоа право, г. Претседателе, за жал, го немаат ниту нашите браќа и сестри во Грција, ниту оние во Бугарија! Затоа пак во нашата прекрасна Македонија сите национални заедници имаат право да си го користат и својот јазик и да бидат тоа што се, вклучувајќи ги и оние 3600 наши сограѓани што се изјасниле како Бугари на последниот попис. Значи, нашите соседи немаат проблем со нашата демократија, напротив, ние имаме проблем со нивната. Македонците што живеат во Бугарија, и покрај оние 14 пресуди во нивна корист од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, сè уште немаат право да регистрираат свои здруженија, ниту да се изјаснат како Македонци. Тогаш за какво достоинство зборувате? Дали е достоинствено да си ги продадеме Македонците што живеат надвор од границите на нашата држава, да го сведеме македонскиот јазик само на некакво средство за преведување документи, кое утре или задутре нашите источни соседи ќе имаат право во континуитет да го оспоруваат, дури и да го преименуваат на патот кон „подобра“ иднина во Европската Унија? Дали е достоинствено нашите учебници да ги чита и да ги одобрува комисија назначена од други држави? Дали тоа значи дека во целата моја Македонија нема учени луѓе што знаат да напишат учебник, дека нашето образование мора да го ревидира некаква комисија? Конечно, зарем тоа не значи дека сите ние ќе треба да прифатиме да живееме во некаква квази држава без име, јазик и историја, но која „цврсто чекори“ на патот кон Европската Унија?
Почитуван претседателе Макрон!
Јас сум порасната со француската парола „Слобода, еднаквост, братство“ (Liberté, égalité, fraternité), а за тоа како се практикува демократијата учиме токму од Вашите сограѓани Французи, кои се борат за секое свое граѓанско право сè додека не го добијат. Затоа дозволете, г. Претседателе, да бидеме добри ученици и да се угледаме на Французите: ќе се бориме со сите граѓански средства за да го добиеме правото да пристапиме кон Европската Унија според истите правила како и сите други држави во Европа и никако поинаку!
Ние сме народ што живее на европска почва, па со самото тоа сме де факто дел од овој континент. Ние сме народ што сака соживот и пријателски однос и со своите соседи и со сите народи на Земјината топка, а тој наш однос сме го вградиле и во својот јазик. Ние ги признаваме сите народи што живеат во нашата држава и на тоа поле сме вистински пример за демократија. Само сакаме реципроцитет од соседните држави и право да бидеме тоа што сме – Македонци со македонски мајчин јазик и со македонска историја и култура.
На крајот ќе го цитирам големиот француски поет Жак Превер (Jacques Prévert):
„Кога вистината не е слободна, ни слободата не е вистинска.“ (Quand la vérité n’est pas libre, la liberté n’est pas vraie.)
Во интерес на слободната вистина и на вистинската слобода, ние, Македонците, и сите достоинствени граѓани на Република Македонија сметаме дека заслужуваме вистински достоинствен предлог за почеток на преговорите, онаков каков што заслужува секој народ што го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу народите (според големиот Македонец Гоце Делчев).
Веселинка Лаброска, универзитетски професор и дописен член на МАНУ