Триесет и седум пратеници од 120 во актуелниот собраниски состав доаѓаат од помалите партии, а најголем дел од нив се дел од коалициите со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Дали може да се промени собранискиот состав за сметка на помали партии и да се разбие црно-белиот политички свет во земјава, според експертите зависи од промената на изборниот модел и воспоставување систем што ќе овозможи граѓаните да знаат дека нивниот глас вреди, но и од она што ќе го понудат партиите.
Пред новогодишните празници имаше партиски промени во неколку од помалите парламентарни партии, кои се надеваат дека на следни избори ќе освојат повеќе гласови.
Алијанса на Албанците, која во Собранието има осум пратеници за претседател го избра Арбен Таравари, кој е истовремено и градоначалник на Гостивар, а партијата почна и разговори за влез во Владата, но засега без исход.
Алтернатива на Африм Гаши има четворица пратеници и е дел од Владата, ама исто така во пресрет на уставните измени ја засили реториката и бара промена на формулацијата за употребата на албанскиот јазик во Уставот. ВМРО-НП е со еден пратеник и дел од коалицијата на СДСМ, која има 30 свои пратеници.
Беса има тројца пратеници, а нејзиниот претседател кој е градоначалник на Тетово, поддршката за уставните измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата, ја услови со предвремени избори.
ГРОМ е со еден пратеник, кој во Парламентот делува со ВМРО-ДПМНЕ и е доста активен особено по скандалот со Олесандар Онишченко, како претседател на матичната комисија.
ДОМ е со еден пратеник, Маја Морачанин и ја застапува зелената агенда, а дел од нивните предлози се прифатени во рамки на справувањето со енергетската криза. Морачанин беше реизбрана за претседател на партијата.
Демократскиот сојуз и пратеникот Павле Трајанов е дел од владејачкото мнозинство, но смета дека се потребни избори и широка коалиција за излез од кризата.
Левица има двајца пратеници кои делуваат самостојно и е партија која според последната анкета на ИРИ има најголеми шанси на следни избори да освои поголем број мандати.
ДПА е со еден пратеник, нејзиниот претседател Мендух Тачи, кој е на страната на власта. ДПС е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, како и Демократската партија на Турците.
ЛДП со двајца пратеници е дел од коалицијата со СДСМ, но и кај нив имаше промени. За претседателка е избрана пратеничката Моника Зајкова, а на политичката сцена се врати и поранешниот партиски лидер и екс-градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, како министер за локална самоуправа. Зајкова почна да спроведува промени во партијата.
НСДП е со двајца пратеници, а меѓу нив и Горан Мисовски, потпретседател на Собранието, еден од најактивните пратеници со подолг стаж и сегашен претседател на партијата.
Партијата за движење на Турците е со еден пратеник, како и Партијата на пензионерите, кои се дел од коалицијата со СДСМ. СПМ има двајца пратеници и традиционално е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Од помалите партии со еден пратеник е и Српската странка.
Како независни пратеници кои делуваат како дел од коалицијата со СДСМ на собранискиот сајт стојат Зекир Рамчиловиќ и Санела Шкриељ.
Најголем број пратеници во Параламентот има ВМРО-ДПМНЕ 38, СДСМ има 30, додека ДУИ 15. Според сегашниот изборен модел, помалите партии коалицираат со големите партии пред изборите и имаат т.н. добитни места на заеднички листи. Па така тие имаат повеќе пратеници од освоени гласови.
Неопходни се реформи на изборната регулатива и систем што ќе овозможи граѓаните да знаат дека нивниот глас вреди
Професорката Бојана Наумовска, директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, смета дека поголем успех на следните избори се очекува од помалите опозициски партии. Во изјава за МИА таа го објаснува своето размислување, но и вели дека за нас е најдобро да се примени германскиот изборен модел, секако, моделиран за наши услови.
– Секогаш е добро да се споделуваат ставови и идеи и програми, особено кога станува збор за состојба на криза, меѓутоа доколку нема драстични пормени во секторите и ресорите кои ги водат помалите политички партии, што и да направат тоа ќе остане незабележано од страна на граѓаните, особено кога сме во една вака енергетска криза, која што станува и финансиска криза, меѓутоа и со огромни промени во правосудниот систем. За малите политички партии од власта ова ќе делува негативно на следните парламентарни избори, смета професорката Наумовска.
Моделот, вели таа, ни е пропорционален и имаме шест изборни единици, иако и по теоријата, предизборното коалицирање е победничко и за помалите и за големите политички партии, сепак, тоа е на краток рок.
– На подолг временски период, од циклус во циклус малите политички партии се губат. Тие го губат својот идентитет и всушност стануваат непрепознатливи за граѓаните. Од друга страна, пак, помалите партии кои се во опозицијата, искрено на следните избори очекувам дека ќе постигнат поголем успех, посочува професорката.
За да имаме целосна промена во овој дел, како што потенцира, неопходни ни се реформи во однос на изборната регулатива и поставување на систем којшто ќе овозможи граѓаните својата волја да ја изразуваат послободно, односно на начин за којшто ќе знаат дека нивниот глас вреди.
– Во овој момент како е моделот поставен, не секогаш гласот на граѓаните вреди, а тие тоа го знаат, изјави професорката.
Проф. д-р Наумовска вели дека она што следниот модел треба да го реши тоа се генерално три проблеми.
– Првиот е еднаквото вреднување на секој глас, затоа што во моментов немаме еднакво вреднување, бидејќи во некои изборни единици се станува пратеник со 6000 гласови, а во друга избирна единица со 8.500. Вториот проблем е поврзувањето на пратениците со граѓаните. Тоа што имаме 20 години пропорционален модел ги одалечи пратениците од граѓаните и обратно, а оваа конекција мора повторно да се воспостави и третиот проблем којшто треба да го реши е посоодветно регионално претставување на граѓаните, истакнува проф. д-р Наумовска.
Во однос на нејзините анализи, најсоодветен модел е германскиот што треба да се прилагоди во македонски услови.
Проф. д-р Наумовска укажува дека податоците што ги користи се поскромни бидејќи, за жал, немаме финансирање на автохтона македонска наука од која ние би можеле да бидеме водечка институција за креирање на новиот модел, но, сепак, сознанијата се значајни. Направени се неколку истражувања од кои едно со НДИ и оттаму, додава таму, се гледа какви се потребите на граѓаните и како би требало да изгледа новиот модел.
– Тој ќе им даде простор на граѓаните да гласаат за помалите партии затоа што расположение има затоа што сакаат да гласаат за нешто различно, сакаат да гласаат за различни ликови, сакаат да гласаат за помали партии од опозицијата на пример, особено затоа што тие се попрепознатливи, можеби и за некои нови движења и политички партии. Значи сакаат нови ликови во политиката, меѓутоа сакаат нивниот глас да не биде изгубен. Во овој модел, како што е поставен, големи се шансите нивниот глас да биде изгубен и токму затоа би требало во иднина да размислуваме за промена на изборниот модел, вели проф. д-р Наумовска.
Таа потенцира дека она што е клучно е дека мора државата да биде носител на овој процес. Во моментов истражувањата што се прават се поддржани од организации и институции кои што не се од македонски пари. Значи државата ја нема никаде. Министерството за правда треба да биде носител на овој процес, секако во соработка со институција како што е овој Институт, којшто има институционална меморија и може да биде носител на овој процес, истакнува Наумовска.
Германскиот изборен модел, како што објаснува, е всушност комбиниран модел меѓутоа со пропорционален предзнак.
– Тоа значи колку ќе добијат партиите на едната листа која што е пропорционална толку и ќе биде крајниот состав во Собранието, меѓутоа речиси половина од пратениците се избираат според мнозински принцип и тука ја имаме онаа поврзаност на пратениците со граѓаните. Значи тие ќе гласаат за имиња во едниот дел, а во другиот дел ќе гласаат за политичка партија и така е замислен моделот да имаме движење на едната листа во зависност од освоеното кое е на мнозинскиот дел. Значи предзнакот е пропорционален, толку колку што ќе добие. Еве на пример бидејќи збориме за мала политичка партија тие најверојатно нема да добијат пратеници од мнозинскиот дел, меѓутоа онолку колку што граѓани ќе гласаат за нив, тие толку и ќе добијат пратеници во Собранието, вели проф. д-р Наумовска.
Во моментов на пример Левица има двајца пратеници, меѓутоа по освоени гласови би требало да има некаде околу пет, или нема да имаме состојба како во 2006 година кога ВМРО-НП имаше повеќе гласови, а НСДП со помалку гласови имаше поголем број на пратеници.
– Значи сето ова ќе се избегне, граѓаните ќе бидат целосно охрабрени да гласаат за помали партии, за нешто различно и составот на Собранието ќе биде значително сменет, пред се мислејќи на квалитетот на пратениците, потенцира професорката.
Дискусијата за промена на изборен модел е суштинска затоа што не зборуваме за некој процес којшто трае еден ден на четири години, значи зборуваме за процесот преку кој што граѓаните го пренесуваат својот суверенитет на нивните претставници коишто треба да ги застапуваат и да ги бранат нивните интереси и токму затоа мора да го прилагодиме на граѓаните особено што од циклус во циклус имаме се помал интерес на граѓаните да учествуваат во овој процес. Значи во иднина може да се доведеме во ситуација пратениците да немаат легитимитет да одлучуваат за граѓаните затоа што излезноста на последните избори беше под 52 отсто, така што и ова се аргументи коишто зборуваат дека сериозно треба да се разговара за ова, истакнува проф. д-р Наумовска.