Промотор на книгата беше неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, кој посочи дека е општо познато дека монаштвото е бројно во охридскиот регион, со тоа и градењето први манастири во земјава.
– Македонија како ретко која друга земја е облагородена со многубројни свети градби, тие градби станале составен дел на нашето народно ткиво. Во нив народот се просветувал и описменувал, а многу од нив прераснале во препишувачки книжевни центри, тие биле лечилишта, духовни пристаништа и закрилни места. Од нив постојано била помагана праведната борба за македонска духовна и национална слобода, а со нивните камбани биле означувани почетокот на буни, востанија…Нема гора, планина македонска на која не се издига светилиште, не се белее црковен објект, се чини сета земја е манастир…рече меѓу другото Архиепископот Стефан.
Поглаварот на МПЦ зборувајќи за самото монаштво ќе истакне дека е богољубива и човекољубива појава, печат на избраништво, просветување на себеси за служење на Бога, соединување со Христос, стремеж да се гради еден нов свет врз нови основи…
– Нашиот Свети Климент како монах својот манастир го претворил и во Универзитет, па го поучувал народот не само на духовност, туку и на писменост, агрикултура, уметност, потсети тој.
За самата монографија г.г. Стефан истакна дека е значаен документарен сведок за богатото манастирско минато и за нивната сегашност во Дебарско-кичевската епархија, како и за монахољубивоста и манастирољубивоста на нејзиниот долгогодишен архиереј, неговото високопресвештенство митрополитот Тимотеј.
– Колку што радува бројноста на манастирите во Дебарско-кичевската епархија, толку повеќе и поголема е обврската кон истите. Благодарение на митрополитот Тимотеј и на само нему својствената дарба да организира и изнајдува можности, сите светини без исклучок добиле нова светлина, на сите им е продолжен векот. Одличната состојба во која се наоѓаат манастирите во епархијата и што во нив има бројно монаштво се исклучителна заслуга на архиерејот, рече меѓу другото г.г. Стефан.
Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, кој оваа година го прославува јубилејот 40 години архиерејска служба, изрази благодарност до авторите за вложениот труд во креирањето на ова најново издание на Епархијата.
– Како пчелите што собираат благороден мед од најразлични цветови, тие успеаја постапно собирајќи материјали да создадат една убава книга што ќе посведочи за нашето постоење, битисување во овој век, рече тој.
Во рамки на денешното чествување, претходно на Плаошник, беше одржана утрена богослужба и света литургија по повод празникот посветен на светите праотци – мачениците Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест“, со која чиноначалствуваше Архиепископот Стефан во сослужение на повеќе архиереи на МПЦ-ОА.