Македонскиот тим на овој престижен натпревар во програмирање, составен од учениците Благојче Павлески, Марко Таневски, Андреј Шекеров и Тео Китановски, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден златен и еден сребрен медал, како и една олимписка пофалба.
БОИ 2021 се одржува онлајн, согласно со условите кои ги диктира ковид пандемијата, а на настанот учествуваат вкупно 37 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, кои беа избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Словенија. Во ваква силна конкуренција, историскиот златен медал за Македонија го освои Благојче Павлески, ученик од Прилеп, во четврта година во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје. Ученикот Марко Танески, исто така од Прилеп освои сребрен медал што го става во неколкутемина на комплетната листа на освојувачи на сребрени медали за нашата земја. Овој огромен успех беше дополнет и со резултатот на Андреј Шекеров од Скопје, кој освои олимписка пофалба.
Дополнително, на Шуменскиот турнир, интернационален натпревар кој се одржува онлајн во паралела со балканската олимпијада, Сара Стефановска од македонскиот јуниорски тим освои бронзен медал. Сара е ученичка од Крива Паланка запишана во Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Таа за ова одличје се избори во конкуренција на 168 натпреварувачи од петнаесетина земји.
Нашиот тим традиционално се избира во целогодишен циклус натпревари кој го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава поддржан од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Нетцетера и Семос Едукација. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е одржуван волонтерски од ЗИМ и е достапен во текот на целта година за сите заинтересирани натпреварувачи.
Д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ, и долгогодишен претседател на Балканската олимпијада, за овој голем успех изјави:
„Резултатот остварен на овој натпревар претставува продолжување на традицијата на успешни претставувања на Македонија на интернационалните информатички олимпијади во последниве десетина години и уште една нова потврда за знаењата и вештините од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици. Според мене, успехот се должи на напорите на Здружението редовно да работи со талентираните ученици, како и воведувањето на информатиката и темите од програмирање во основното и средното образование во првата половина на претходната деценија. За жал, со последните измени и нови концепции информатиката се маргинализира, а гласот на Здружението, кое претходно беше двигател на позитивните промени, сега се игнорира од државните институции. Со ваквиот пристап, расте мојата скепса за идни големи успеси во областа на информатиката во нашата земја.“
Следната, 29-та по ред, Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2022), треба се одржи идната година во Љубљана, Словенија.