Прва дебата пред европските избори во јуни. Кандидатите ги изложија политичките агенди за прашања како климатските промени, безбедноста, војната во Украина, економијата и демократијата. Актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која се кандидира за втор мандат, се соочи со низа критики за преземените акции во првиот мандат.

„Брисел стана мочуриште. Би сакал да започнам со вас, Урсула фон дер Лајен. Вашето претседателство со комисијата беше катастрофа. Ниту еден Европеец нема право да гласа за вас. Групата „Идентитет и демократија“ кога би одлучувала, вие ќе бидете првиот отпуштен по изборите“, изјави Андерс Вистисен, кандидат за Партијата за идентитет и демократија.

Шефицата на Европската комисија, одби официјално да каже дека нема да се здружи со европските конзервативци и реформисти за да формира мнозинство во Европскиот парламент, кој меѓу членовите има неколку екстремно десничарски партии. Фон дер Лајен беше притисната и поради „Фајзергејт“, бидејќи се соочува со обвинение дека не била транспарентна во размената на СМС пораки со фармацевтскиот гигант Фајзер за време на Ковид-пандемијата.

„Госпоѓице Фон дер Лајен, има отворено неколку досиеја против вас. Доколку сте назначени за следниот мандат, дали овде се обврзувате да бидете радикално транспарентни и да соработувате со обвинителството во контекст на досиејата што беа отворени?“, изјави Валериу Глиетцки, кандидат за Европското христијанско политичко движење.

„Ние имаме судство кое е независно. И, се разбира, судството ја создава транспарентноста што е неопходна. Јас го почитувам нашето независно судство“, изјави Урсула фон дер Лајен, кандидат за Европската народна партија.

На дебатата, тема и скандалот во германскиот блок. Од неодамна, главниот кандидат на германската крајнодесничарска партија е под судска истрага за неговите врски со Кина и Русија.

„Овде имаме лице кое стои таму во име на групата Идентитет и Демократија. Сите проблеми што ги гледаме сега кога Русија купува влијание врз Алтернатива за Германија. Тоа е вашата група. Кина ја купува Фламанската партија која е дел од Идентитет и Демократија, гледаме како Кина влијае и во Алтернатива за Германија … Ја гледаме Русија во Франција, во Австрија. Можеби пред да ги подучувате сите, исчистете ја сопствената куќа“, изјави Бас Еикхоут, кандидат за Европската зелена партија“, изјави Бас Еикхоут, кандидат за Европската зелена партија

Помеѓу 6 и 9 јуни над 370 милиони граѓани на Европската унија од 27 земји ќе гласаат за избор на 720 членови на идниот Европски парламент. По изборите, земјите-членки ќе излезат со име од политичката група која собрала најмногу гласови и ќе ја предложат таа личност за следен претседател на Европската комисија.

Извор: МРТ