По Европскиот самит во јуни, Власта ќе биде приморана да ги адресира суштинските проблеми на општеството за да си дозволи хипотетички успех на следни избори!
Како минува времето, спорот помеѓу Софија и Скопје го зацврстува својот статус на апсурд а најголемата колатерала во статус кво-то е Македонија.
Бугарските барања да влезат во преговарачката рамка со ЕУ е услов кој треба да се разгледа и е единствено прифатлив доколку истите барања се прецизираат и се добијат гаранции дека нема да има нови услови и блокади, смета политикологот и политички аналитичар, Иво Ранѓеловиќ, магистер по компаративна политика и демократија од Универзитетскиот колеџ во Лондон (University College London).
Доцна е да говориме за поволности и симетрија во статусот кој го има државава во билатерални спорови со членките на ЕУ, бидејќи грешките и неспособноста на многу влади во минатото ја втемелија ваквата позиција на Македонија во светот, вели Рангеловиќ.
Лидер: Македонија никако да се помрдне од статус кво позицијата за членство во ЕУ. Бугарските медиуми објавија дека на средбата со коалициските партнери во Владата во петокот Петков најавил дека ќе бара условите што ги постави Бугарија за решавање на спорот, да бидат вклучени во преговарачката рамка со Европската Комисија. Што добиваме, а што губиме ако го прифатиме предлогот на Петков?
-Како минува времето, спорот помеѓу Софија и Скопје го зацврстува својот статус на апсурд. Меѓутоа, најголемата колатерала во статус кво-то е Македонија. Тоа го прави овој проблем нужност да се реши. Оттаму би рекол дека, во најмала рака, вклучувањето на барањата од страна на Софија треба да се разгледа, единствено доколку се прецизираат истите и се добијат гаранции дека нема да има нови услови и блокади. Во тој случај, придобивките за Македонија нема да бидат концентрирани едиствено во кревање на ветото, туку и во целокупниот интегративен процес. И што е уште поважно, неусогласеноста и небулозноста на Бугарската политика во барањата кон Македонија ќе биде неутрализирана.
Од друга страна, на Македонија ќе и биде, барем формално, отежнат патот кон ЕУ за барањата од Бугарија, на веќе постоечките поглавја кои се неизбежни. Многумина и ќе го интерпретираат таквиот сплет на околности како пораз. Сепак, доцна е да говориме за поволности и симетрија во статусот кој го има државава во билатерални спорови со членките на ЕУ, бидејќи грешките и неспособноста на многу влади во минатото ја втемелија ваквата позиција на Македонија во светот.
Лидер: Дали и колку преговорите со Бугарија зависат од Скопје?
-Во оваа фаза, Македонија нема суштинска тежина во преговорите. Жештината на проблемот се префрла на релација Брисел-Софија и евентуален неуспех да се крене ветото ќе служи како образец по кои ќе бидат блокирани и многу други земји, аспиранти за влез во ЕУ. Спорот помеѓу Скопје и Софија манифестира процес кој го поткопува вредносниот систем на Европа не само како институција туку и континент. Едноставно, Европа не смее да си дозволи да биде заложник на Бугарија во својот прогрес кон осовременување на постојната цивилизација.
Лидер: Зоврива политичката атмосфера во земјава. Расте повеќеслојната криза. Што после јуни? Дали смената на власта преку нови предвремени парламентарни избори може да ја промени позицијата на Бугарија и да ги забрза евроинтеграциите?
-Вето во јуни ќе ја афирмира интенцијата на власта во Македонија да се олади од проблемот. Ентузијазмот на властите во Скопје ќе спласне и европската интеграција повеќе нема да биде приоритет. За таа цел, власта ќе биде приморана да ги адресира суштинските проблеми на ова општество за да си дозволи хипотетички успех на следни избори. Од друга страна пак, смена на власта во Македонија ќе одземе многу време, особено ако и Бугарија оди на предвремени парламентарни избори во декември, што ќе ја изрелативизира нужноста за решавање на проблемот. Тоа е најлошото сценарио за нас, умртвување на важноста на овој спор и создавање вакум на влијание од други центри на моќ.