Расправата по Ребалансот на Буџетот во Собранието ќе почне на 1 јули, за кога е закаќана седницата на матичната Комисија за финансирање и буџет.
Клучни сегменти на предложениот ребаланс што го усвои Владата и го испрати до Собранието се зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството.
Со овој ребаланс, според прдлагачот, приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање нови работни места преку активните мерки за вработување, како и со поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија. Останува понатаму определбата за поддршка на економијата со инвестиции на инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии.
Приходите се проектирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2021 гоидна, а што, според предлагачот се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на годината. Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет. Дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.
Зголемување има и кај капиталните расходи за 6,5 милијарди днеари и се проектирани на ниво од 30,5 милијарди денари. Нивното учество во вкупните расходи на буџетот од иницијално планираните 9,4 проценти, се зголемува на 11,3 проценти што е повисоко ниво од просекот во последните десет години.
Со предлогот Владата предвидува кратење кај повеќе буџетски корисници и тоа по основ на помалку продуктивни трошоци и по основ на проекти кои имаат послаба динамика на реализација. Овие средства ќе бидат насочени кон ставки кои се очекува да дадат поголем процент на реализација и поголема додадена вредност на економијата.
Дефицитот е проектиран на ниво од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 проценти од БДП. Тој заедно со отплатите од претходните задолжувања во износ од 43,3 милијарди денари, ќе се финансираат од надворешни и домашни извори.
– Во рамки на отплатите по основ на претходни задолжувања влегуваат еврообврзницата издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра која доспева во јули, државните обврзници во износ од 4,68 милијарди денари и структурните обврзници во износ од 1,44 милијарди денари. Домашното задолжување во износ 23 милијарди денари, ќе се реализира преку државни хартии од вредност со истовремена отплата на државни обврзници во износ од 4,68 милијарди денари, така да нето-задолжувањето ќе изнесува 18,45 милијарди денари кои ќе бидат искористени за финансирање на потребите во тековната 2021 година како и за делумно финансирање на 2022 година. Задолжувањето во странство се реализира преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции наменети за финансирање на одделни проекти вкучително и заем од ММФ, втората транша од заемот од ЕУ за макро-финансиска поддршка во износ од 80 милиони евра која неодамна ни стана достапна, како и еврообврзницата која веќе ја повлековме, беше посочено на прес-конференцијата на која беше презентиран ребалансот од страна на Владата.
Новини во релабансот се новата потпрограма за зелен развој, нови инструменти како развојна обврзница и зелена обврзница кои ќе бидат наменети исклучиво за инвестиции и зелен развој. Предвидени се и двете мерки за воведување еколошка такса на горивата и намалување на ДДВ кај електричната енергија, за кои Владата денеска треба да донесе одлука, а да почнат да се применуваат од 1 јули 2021 година.
Проекцијата за раст на БДП со ребалансот останува на 4,1 процент.