Рестартирање на Скопје и вистински промени во интерес на граѓаните
Кандидатурата на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Скопје, според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Стојаноски, претставува порака до скопјани за „нов почеток“ и целосно рестартирање на Скопје, како реакција на досегашното незадоволство од функционирањето на градската администрација.
„Со кандидирањето на Ѓорѓиевски сакавме да ја покажеме и да ја испратиме пораката кон граѓаните дека лекцијата од претходните избори е научена. Ѓорѓиевски е човек којшто доаѓа прво од партиската база на ВМРО-ДПМНЕ, второ човек којшто е докажан веќе во една од скопските општини со конкретни мерливи проекти“, изјави Стојаноски.
Достапност за граѓаните и повисоко ниво на градско функционирање
Стојаноски посочи дека скопјани, преку кандидатурата на Ѓорѓиевски, добиваат човек кој ќе биде достапен и комуникативен, а градот ќе го води по модел на реални проекти, слично како што тој функционираше како градоначалник на општина Кисела Вода.
„Ние на граѓаните ќе го понудиме тоа што и самиот Ѓорѓиевски вчера го кажа, односно човек којшто ќе го воскресне градот Скопје, ќе го рестартира од оние ситуации каде што сега се наоѓа. Сето она кое што го правеше во Кисела Вода, само ќе го направи едно ниво погоре и ќе го прави истото во градот Скопје. Тоа значи дека конечно ќе добиеме градоначалник прво, којшто ќе биде достапен, понатаму повеќе нема да зборуваме колку градот ни е исфлекан, колку е хигиената е на едно недостоинствено ниво“, рече Стојаноски.
Посети на општини и креирање програма заедно со граѓаните
Стојаноски објави дека Ѓорѓиевски веќе ги започнал теренските активности. Тој се среќава со жителите на скопските општини, со цел програмата за локалните избори да биде изработена во соработка со граѓаните.
„Денеска беше во општината Бутел, утре во општина Гази Баба, задутре доаѓа во општина Ѓорче Петров. Ќе се сретнеме со сите граѓани, ќе имаме целодневна агенда за да неговите идеи. Тоа што ние сакаме да го претставиме пред граѓаните е прво, го доближиме до нив заедно да ја направиме програмата, а потоа со неговиот лик и со програмата да излеземе пред граѓаните“, рече Стојаноски.