Дали е можен договор во скоро време?
„Силно притискаме за да се реализираат предлозите што беа изнесени и договорот што се случи во Париз. Остануваме оптимисти за исходот од ова посредување, но во моментов нема посебен развој што може да биде објавен“, изјави Мајед Ал-Ансари, портпарол на Министерството за надворешни работи на Катар.
Од Вашингтон остануваат на ставот дека договор е можен во скоро време, но за тоа ќе мора да одлучи Хамас.
„Тоа што го поткрепува оптимизмот на претседателот е гледањето на широките контури на договорот. Притискаме за да финишираме, но на крајот дел од ова се сведува на Хамас-дали е подготвен да се согласи на договор кој обезбедува значителни придобивки за палестинскиот народ за кој тие тврдат дека го претставуваат“, вели Метју Милер, портпарол на Стејт Департментот.
Дали за Рамазан ќе се мирува?
Посредниците со недели бараат мировна формула што би можела да ја запре разорната офанзива, овој пат пред светиот муслимански месец Рамазан. Во Газа, нападите продолжуваат, се елиминираат терористи, се лоцира оружје. Тензиите растат и на либанско-израелската граница. ООН со апел.
„Настаните можат да го загрозат политичкото решение на овие непријателства. Има проширување и интензивирање на нападите, а тоа го менува животот на десетици илјади цивили од двете страни на сината линија. Сите вклучени страни да ги прекинат непријателствата за да се спречи понатамошна ескалација“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на Генералниот секретар на ОН.
Од ООН предупредуваат и за екстремниот глад со кој се соочуваат цивилите во Газа. Франција, Јордан и Египет доставуваат помош од воздух. Дополнителна помош од 53 милиони долари најавија и САД.
Извор: МРТ