Како што и сугерира името, групата се обврза на верност кон Исламска држава и оттогаш беше претежно активна во источната авганистанска провинција Хорасан. Додека ИСИС брзо грабаше терен во Ирак и Сирија во 2015 година, милитантите ја гледаа ИСИС-Х како меч на калифатот во идните освојувања во Јужна и Централна Азија.

Првиот емир на групата и командант беше пакистанскиот државјанин по име Хафиз Саид Кан. Поранешниот талибански член и затвореник во Гвантанамо Абдул Рауф Ализа беше назначен за заменик на Кан.

И Ализа и Кан беа убиени во американски воздушни напади во Авганистан во 2015 и во 2016 година. Сегашниот лидер на ИСИС-Х е Шахаб ал-Мухаџир, кој наводно бил командант од среден ранг во мрежата Хакани, авганистанска бунтовничка сила поврзана со талибанците.

„Ова движење беше формирано од незадоволните команданти на пакистанските талибанци, а на него му се придружија неколку авганистански талибански команданти од понизок ранг и авганистански џихадистички идеолози“, рече Абдул Саид, независен џихадистички истражувач.

ИСИС-Х сака да воспостави калифат што почнува во јужна и централна Азија, во согласност со шеријатскиот закон, и кој ќе се шири со приклучување на муслимани од целиот регион и светот.

Групата со години изведува терористички напади, а на удар пред сѐ ѝ беа Хазарите, малцинска шиитска група, која беше изложена на насилство и од талибанците.

Според Центарот за стратегиски и меѓународни студии со седиште во Вашингтон, ИСИС-Х извршила речиси 100 напади врз цивили во Авганистан и Пакистан во текот на 2017 и 2018 година, како и околу 250 судири со безбедносните сили на САД, Авганистан и Пакистан.

Минатата година групата ја презеде одговорноста за нападот врз комплексот на Универзитетот во Кабул, како и за истрелување ракети кон претседателската палата и меѓународниот аеродром Хамид Карзаи во главниот град на Авганистан. Обвинета е и за напад на породилното одделение на „Лекари без граници“ во Кабул. Во јануари авганистанските службеници за безбедност изјавија дека уапсиле неколку члена на ИСИС-Х, кои подготвувале атентат врз Рос Вилсон, висок американски дипломат во Кабул.

Во извештајот на ОН објавен во јуни се вели дека, откако претрпе некои територијални загуби во последните години, ИСИС-Х има основна група од околу 1.500 до 2.200 борци, која, пак, е децентрализирана во помали ќелии. Организацијата одржува комуникација со Исламска држава и има „активно присуство на социјалните мрежи, со периодот по повлекувањето на САД на ум“, напиша ОН.

Талибанците, кои го освоија поголем дел од Авганистан и го освоија Кабул на 15 август, во минатото се судираа со ИСИС-Х. Освен тоа, извештаите на медиумите тврдат дека кратко време по падот на главниот град на Авганистан, милитантите го погубиле Абу Омар Хорасани, затворениот поранешен шеф на Исламска држава во Јужна Азија.

Западните влади сега стравуваат од оживување на ИСИС-Х во услови на хаосот создаден од преземањето на талибанците, што се случи истовремено со избрзаното повлекување на американските војници.

Претседателот Џо Бајден во вторникот предупреди дека сојузничката група на Исламска држава „настојува да го нападне аеродромот и да ги нападне и американските и сојузничките сили и невините цивили“. Истата загриженост ја изрази и министерот за вооружени сили на Обединетото Кралство, Џемс Хипи, кој во четвртокот ги советуваше евакуираните лица да не патуваат на аеродромот поради „непосредна“ закана од ИСИС-Х.