Според помошниците на членовите на американскиот Конгрес, кои се запознати со нацрт-договорот, САД и Германија за возврат ќе направат одредени отстапки кон Украина и Полска, двете држави што силно се спротивставуваат на гасоводот, но во моментов не е јасно дали Киев и Варшава ќе се согласат со тоа.
Според американско-германскиот договор Украина би добила заем од 50 милиони американски долари за технологии темелени на зелената енергија, гаранција за надомест на парите за транзитната такса за гасот што земјата ќе ги изгуби поради новиот гасовод, до 2024 година, и ветување од Берлин и Вашингтон дека санкциите повторно ќе бидат разгледувани како опција доколку Русија го користи гасот како политичко оружје, изјавија соработниците на членовите на Конгресот.
Што се однесува до концесиите за Полска, Германија ќе се согласи да биде дел од таканаречената „Иницијатива на трите мориња“, што за цел има да ги зајакне инвестициите, развојот на инфраструктурата и енергетската безбедност меѓу земјите што излегуваат на Балтичко, Црно и Јадранско море.
Стејт департментот вчера објави дека високо позициониран американски дипломат неделава ќе ги посети Полска и Украина, делумно поради разговорите за гасоводот „Северен тек 2“, што се очекува да бидат напнати.
САД долго време се спротивставуваа на проектот, што треба рускиот природен гас да го доведе до Германија, и се обидуваа да ја спречат неговата реализација.
Вашингтон тврди дека гасоводот ќе ја загрози енергетската безбедност на Европа, бидејќи тоа ќе ја зголеми зависноста на Стариот континент од руски гас и ќе и овозможи на Москва да го зголеми политичкиот притисок врз Полска и Украина.
Меѓутоа, веќе привршува изградбата на гасоводот, а САД се решени да ги зајакнат и обноват врските со Германија, нарушени за време на претходникот на Бајден, Доналд Трамп.