САД се подготвени да им издадат писмени дозволи на превозниците и осигурителните компании, со цел да се олесни извозот на руското жито и ѓубрива, изјави американската амбасадорка во Обединетите Нации, Линда Томас – Гринфилд.
Руските житарици и ѓубрива не се опфатени со американските санкции, нагласи таа, но „компаниите се малку нервозни и подготвени сме да им издадеме писмени потврди, доколку тоа помогне да се охрабрат“.
Портпаролот на ОН, Стефан Дужариќ во текот на вчерашниот ден изјави дека шефицата на УНКТАД, Ребека Гринспан во Москва „конструктивно дискутираше“ со првиот потпретседател на руската Влада, Андреј Белоусов, за создавање услови за непречен извоз на руски житарки и ѓубрива.
Гринспан сега во Вашингтон разговара за истиот проблем, „со клучна цел да се решат сите изразени глобални прехранбени несигурности“, според Дужариќ.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во мај ги посети Москва и Киев и паралелно се обидува да посредува во создавањето, како што го нарекува, „пакет аранжманот“ за продолжување на украинскиот извоз на храна и рускиот извоз на храна и ѓубрива.
Руската инвазија на Украина и западните санкции против Москва предизвикаа силен раст на цените на житариците, маслата за јадење, горивата и на ѓубривата. Предизвикаа глобална прехранбена криза, потсетуваат медиуми.
Русија и Украина произведуваат речиси една третина од светската пченица. Русија е и клучен извозник на ѓубрива, а Украина водечки извозник на пченка и на сончогледово масло.
Од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, Украина не извезува житарици преку пристаништа на Црното Море и над 20 милиони тони жито е заглавено во силоси. Москва пак тврди оти нејзиниот извоз на ѓубрива и на житарици е нарушен поради воведените санкции.
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот изјави дека Русија, во координација со Турција, е подготвена да го олесни извозот на житарици од украински пристаништа, според соопштение на Кремљ, по разговор со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган.