Почна Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел пред последниот Совет на Европската унија за време на шпанското претседателство. На Самитот, на лидерите од земјите од Западниот Балкан ќе им се претстават заклучоците од Советот за општи работи во однос на проширувањето.
Брисел ќе побара земјите коишто ги почнаа преговорите да ги забрзаат реформите и да ги исполнат условите за отворање на поглавјата. За Северна Македонија, ЕУ ќе констатира дека не е исполнет условот од Преговарачката рамка за уставни измени, и дека штом тој се исполни автоматски ќе се одржи Втората меѓувладина конференција и отворањето на поглавјата од Кластерот 1 – Основи.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел ја потврди цврстата посветеност на Унијата да ги види земјите од регионот како членки, но дека се очекува земјите од регионот да го забрзаат процесот на реформи.
-Очекуваме повеќе реформи од земјите од регионот на Западен Балкан, особено на полето на владеењето на правото и независноста на судството. И нашата страна ќе го направи својот дел, затоа започнавме стратешка дебата на ниво на лидери, за да идентификуваме што треба да направиме, рече Мишел пред почетокот на самитот.
Брисел очекува земјава да ги забрза реформите за независно судство, за ефикасна јавна администрација, засилување на борбата против корупцијата и организираниот криминал, унапредување на основните човекови права, вклучувајќи ги правата на малцинствата и заедниците, слобода на изразувањето и на медиумите, како и добрососедските односи.
Земјите од регионот ќе настапат со т.н. Заедничка Изјава – документ потпишан од шесте лидери од Западен Балкан. Според ова, секоја од земјите се обврзува на листа со реформи.
Во однос на владеењето на правото, Македонија има за цел да ја промовира независноста, квалитетот и интегритетот на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и против сајбер криминалот, подобрување на конфискацијата и обновувањето на имотот.
На новинарско прашање дали постои оптимизам дека уставните измени ќе се случат до крајот на мандатот на Владата, премиерот Ковачевски потенцираше дека тоа е обврскa која е јасно нотирана во извештајот на Европската Комисија.
„Гледате дека и во самите предлог заклучоци стои, дека штом Северна Македонија ги донесе тие амандмани во Собранието, веднаш ќе биде одржана втората меѓу владина конференција. Се она што јас го зборував во текот на изминатите годiна и пол, се потврди како точно. И се потврди уште нешто како точно, дека во нашата држава имаме два блока, еден европски блок кој што се залага за интеграција на државата во ЕУ. И имаме втор блок, кој токму денес се гледа дека работи против интеграцијата на земјата во ЕУ, а претходно работеше против интеграцијата на земјата во НАТО. Ние секако дека ќе продолжиме со реформите, а процесот на уставни измени е процес кој ќе продолжи, кој е неминовен и кој на крај ќе резултира со успех, успешно завршување на преговорите и да станеме членка на Европската Унија“, порача премиерот Ковачевски пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан.