-Ако ги споредиме сите мировни договори во регионот во последните 20, 30 години, единствениот договор кој се исполни во целост, во својот легислативен дел, односно во нормативниот дел, во делот на законите кои произлегуваат од самиот договор. Овој договор е јасно најуспешен и тоа се покажува во секојдневниот живот. Преку трансформација на оваа држава од држава во која рамката беше поставена за да прифати една етничка заедница во оваа функционална мултиетничка демократија во која живееме сега, која станува пример прво дека во регионот можни се мултиетнички функционални демократии и пример како да се решаваат сличните прашања, не само во регионот, туку и пошироко, нагласи Османи.
Додаде дека е горд што бил дел од една организицаија, која учествувала во создавањето и имплементирањето на договорот. Според него, духот што го наметна Рамковниот договор никогаш нема да престане.
-Тоа што го бара Рамковниот договор, а тоа е државата да озвоможи инклузивност и можност за сите граѓани да работат и да живеат во неа, тоа никогаш нема да престане. Се додека ќе постои оваа држава, ќе постои и духот на Рамковниот договор, рече Османи. Посочи дека законите кои требаше да се донесат, беа донесени во овој период, заклучно со Законот за употреба на јазиците.
Прашан за внатрешно раселените лица од конфликтот во 2001 година и нивниот сататус, Османи изјави дека има многу социјални прашања на кои, како што рече, беа изложени граѓаните, од која било етничка заедница, независно во која позиција беа за време на конфликтот.
Прашан за одбележувањето на 20-годишнината на Рамковниот договор, Османи рече дека ако здравствените власти сметаат дека во одреден период може да се одржуваат собири, тоа може да се направи, почитувајќи ги сите протоколи. Доколку Комисијата за заразни болести, пак, смета дека треба да се спречи одржувањето собири, тоа мора да се почитува. Според него, политичарите и политичките партии не треба да постапуваат поинаку и треба сите да бидеме повнимателни.