Во исчекување на измените на Законот за финансиски друштва со кои треба построго да се уредат условите и начинот на нивното работење, речиси секојдневно расте бројот на македонски граѓани кои преку брзите кредити се свртеа кон лесно задолжување. Бројките се неверојатни и тие покажуваат дека во моментов од вкупно 33 финансиски друштва дури 15 одобруваат вакви кредити.
Се поширока е и нивната палетета на услуги и на целни групи, па така на овој начин, пари можат да се обезбедат не само за реновирање, одмор или прослава, туку и доколку треба полесно да го поминете периодот додека сте невработен или пак ви претстои скапа операција.
„Во изминатите пет години финансиски друштва почнаа да никнуваат буквално на секој ќош. Сведоци сме дека многу брзо се отвораат нови, а веќе постоечките се прошируваат“, изјави за „Локално“, Тони Станковски, претседател на Здружението за помош на бездомници и социјално загрозени семејства и поединци- Љубезност.
Најголем дел од луѓето на кои ова здружение им помага влегуваат во типичната категорија од населението која се одлучува за ваков тип кредити. Станува збор за лица кои се наоѓаат во ризик од сиромаштија и за кои овој начин на задолжување е последната сламка додека се дават.
„Брз кредит не зема некој што има редовни примања или каде што работат двајца во семејството. Ретко кога оваа категорија зема ваков кредит, но доколку и тоа се случи, помал е ризикот дека нема да го вратат“, вели Станковски.
Понудата делува премногу привлечна бидејќи се бара само лична карта и пополнување на податоци во времетраење од пет минути. Тоа е доволно, вели Станковски , да се излажат луѓето дека ќе дојдат до сума на пари со којашто мислат дека ќе завршат некоја работа или “ќе затворат некоја дупка’’ но искуството покажува дека со земање брз кредит заглавуваат уште повеќе.Најголем процент од должниците не можат да ги вратат позајмените пари.
„Има можност за враќање на рати, но таа е со многу неповолни услови, односно мораат да вратат рата којашто е многу поголема од она што како приход влегува во нивниот дом. На овој начин, уште повеќе заглавуваат и на крајот или извршителот ќе му го одземе тоа што го има или се активира судска постапка“, посочува Станковски.
Во иста насока е и неговото тврдење дека каматите што им ги кажуваат на почетокот и се дел од промоцијата се едни, но дури подоцна се откриваат скриените камати и клаузули во ситните букви во договорите. Оттука, редовна е појавата поради овие трошоци, а во најголем дел поради трошоците за задоцнета отплата, кредит од 10,000 денари да премине во долг од дури 100,000 денари. Целата постапка според него, наликува на легално лихварство бидејќи безмилосно се извлекува максимумот од луѓето и нивно заглавување во уште поголема сириомаштија.
Професорот Борче Треновски потсетува дека овој тип на кредити, особено во услови на економска нестабилност и кризи, имаат улога да овозможат каков-таков пристап до финансиски средства на граѓаните, кои тешко би можеле да добијат кредити од банките. Исто така, според него, ваквите брзи кредити во мали износи, доделени на специфична категорија на население во голем дел преставуваат соодветно олабавување на билансите на банките имајќи предвид дека често се поврзани со зголемен кредитен ризик при нивното доделување. Од друга страна, во разговор за Локално, тој како загрижувачки факт го посочува агресивниот пристап во таргетирање на ранливата популација на населението и дополнителните трошоци кои често ги придружуваат овој тип на кредити – големите дополнителни трошоци/провизии поврзани со задоцнета наплата итн.
„Дополнителните трошоци често можат за релативно краток период да го надминат и основниот долг на корисникот – ова може да предизвика големи трошоци за ранливиот дел од популацијата кој често посегнува по овој тип на финансирање и да предизвика сериозен удар на нивниот основен стандард на живот“, вели Треновски.
Посочува дека оваа категорија население која посегнува кон ваквите канали на финансирање често има ниско ниво на финансиска писменост и ограничена финансиска моќ, што во услови на национални и глобални економски нарушувања дополнително ги турка кон задолжување и осиромашување.Оттука според него, неопходна е поголема контрола.
„Се разбира дека различните финансиски и депозитни институции треба на пазарно основа да се натпреваруваат за клиенти и остварување на профит, тука нема никаква дилема – меѓутоа контролата врз ваквите канали на финансирање треба да биде особено засилена и не треба да се занемарува од институциите – какви пристапи на нудење и продажба на инструментите нудат, под какви услови ги даваат кредитите, какви се дополнителните трошоци, кави дополнителни услуги нудат, дали има соодветна заштита на клиентите од манипулација, дали има соодветно ниво на основни услуги кои се нудат по стандардна цена итн“, тврди Треновски.
Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиските друштва по иницијатива на Министерството за финансии беше објавен на ЕНЕР за коментари уште во октомври минатата година, но измените сеуште не се донесени. Меѓу другото, тие треба да ги ограничат вкупните трошоци на потрошувачките кредити што ги одобруваат финансиските друштва, со цел заштита на граѓаните од презадолженост.Овој период на чекање друштвата максимално го искористија преку раст на приходот што го остваруваат , па така нивната вкупна нето добивка минатата година изнесувала дури 10.5 милиони евра.