На дневен ред на денешната седница на Уставниот суд се иницијативите поднесени на членот 38 став 3 од Законот за заштита на децата и членот 6 став 2 и член 6-а) од Законот за судските такси.
Според подносителите на иницијативата на Законот за заштита на децата, од содржината на членот 95 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, произлегува дека на лицата кои веќе се стекнале со правото на родителски додаток (за трето и четврто дете), истото не им се укинува, туку продолжуваат да го остваруваат.
Во иницијативата, како што посочуваат од Судот, се наведува дека иако целта на предвидената мерка за родителски додаток (за трето и четврто дете) е зголемување на наталитетот на населението, а не намалување на сиромаштијата, од ваквото нормирање произлегува дека оспорената одредба од Законот е дискриминирачка од два аспекта: прво, затоа што дејствува нерамноправно кон лицата кои веќе се стекнале со правото на родителски додаток за трето, односно четврто дете, кое како право не им се укинува, туку продолжувале да го остваруваат, без да им се дозволи на други лица да го остваруваат тоа право, додека од друга страна подносителите наведуваат дека не е испочитувана волјата на граѓаните (родители) кои сакаат да имаат многудетни семејства и кои директно влијаат врз наталитетот на државата и имаат поголеми трошоци по дете од оние кои имаат само по 1 или 2 деца, а согласно социјалниот аспект на државата.
Во однос на оспорените одредби од Законот за судските такси, во иницијативата се наведени како спротивни со членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 и членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со членот 6 (право на правична судска постапка) и членот 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права, затоа што според подносителот уредуваат привилегија за стечајните управници по основ на нивната општествената положба, односно статусот „стечаен управник”, којашто се состои во можноста да не ги плаќаат судските такси во роковите коишто важат за останатите граѓани во Република Северна Македонија.
-За разлика од останатите граѓани стечајните управници можат да можат да иницираат и водат судски постапки, без да ги платат судските такси и без тоа да предизвика задржување на текот на судската постапка, се наведува во иницијативата.