Преспа – симбол на историски компромис, но и потсетник на неисполнети обврски
На денешен ден, пред точно седум години, на 17 јуни 2018 година, во малото гратче Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското Езеро од грчка страна, беше ставен потписот на еден од најзначајните и најконтроверзни документи во поновата историја на македонската држава. Со потпишувањето на Договорот од Преспа, официјално беше затворен деценискиот спор за името меѓу Скопје и Атина, а Република Македонија доби ново уставно име – Република Северна Македонија.
Со ова, како што тогаш беше нагласено, државата обезбеди признавање на македонскиот јазик и националност, а следуваше и нејзино полноправно членство во НАТО. Се очекуваше и забрзан напредок кон ЕУ, но ветувањата на Брисел и понатаму остануваат без конкретен датум за преговори.
Потписи, ракувања и ратификации
„Со овој договор, конечно го тргаме товарот од нашите плеќи и го отвораме патот кон иднината“, рече тогашниот премиер Зоран Заев, кој заедно со грчкиот премиер Алексис Ципрас и посредникот Метју Нимиц беа главните фигури во преговорите.
Договорот го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. Поддршка пристигна и од европските претставници Јоханес Хан и Федерика Могерини.
По неколкумесечна процедура, на 12 февруари 2019 година, Договорот влезе во сила. Македонија официјално ја смени Уставот, пасошите, институциите и регистарските таблици.
Што добивме, а што остана на хартија?
Иако македонската страна ги исполни клучните точки од договорот – од уставна промена, преку нови документи, па сè до симболични потези – од грчка страна останаа неисполнети обврски, најмногу поврзани со ратификација на три билатерални меморандуми и со одржување на вториот Совет за високо ниво на соработка, кој според договорот требаше да биде годишен. Првиот се одржа во Скопје во април 2019 година, но вториот сè уште не е закажан.
Од опозициска позиција, партијата Нова демократија беше отворено против договорот. Но, по преземањето на власта, Киријакос Мицотакис изјави дека ќе го почитува. Тој рече дека ќе го почитува бидејќи „се работи за меѓународен договор кој обврзува секоја влада“.
Не се согласувам со договорот од Преспа, но го почитувам како реалност
Без официјални средби меѓу актуелните лидери
Иако билатералната комуникација е задржана, не се одржа средба помеѓу актуелните премиери Христијан Мицкоски и Киријакос Мицотакис, ниту помеѓу новоизбраните претседатели на двете држави. И покрај тоа, економската и енергетската соработка продолжува да се развива, а Атина сè уште формално го поддржува евроинтеграцискиот процес на Скопје.