И покрај падот од 12.9% во создаден комунален отпад во 2024 година, Македонија сè уште тоне во ѓубре. Секој македонски граѓанин, во просек, произведува по 438 килограми ѓубре,  а најголемиот дел завршува на депонии или останува расфрлан, директно загадувајќи ја животната средина.

Регионалните разлики откриваат системска неефикасност

Минатата година, во земјава биле создадени 790.866 тони комунален отпад, но собрани се само 637.471 тон. Според Државниот завод за статистика, ова е благ пораст од 2.5% во споредба со 2023 година, благодарение на поголем број населени места кои се приклучиле на системот за колективно собирање.
Скопскиот Регион предничи со 28.4% од вкупното ѓубре – односно 180.729 тони. Во Југозападниот и Североисточниот регион, разликата меѓу создаденото и собраното ѓубре е алармантна – остануваат десетици илјади тони несанитарно управувано ѓубре.

Значајна иницијатива и напор за чистење: ЈП Комунална хигиена-Скопје собра 150 кубни метри отпад од диви депонии

Домаќинствата – главни генератори на отпад

Дури 84% од ѓубрето доаѓа од домаќинствата, што го потенцира отсуството на систем за селекција и рециклажа на индивидуално ниво. Само 0.2% е од гума, додека преостанатиот дел е мешан комунален отпад, органски отпад, пластика, метал и хартија.

Европа рециклира дел – ние увезуваме

Европскиот просек покажува дека секој жител на ЕУ создава по 5 тони отпад годишно, од кои само 38% се рециклираат. Повеќе од половина од рециклираната пластика се извезува. Во 2021 година, ЕУ извезла 33 милиони тони отпад, главно кон Турција, Индија и Египет.

 Македонија аплицира за увоз на 18 типови отпад

Македонија е дел од групата на 24 земји од Балканот кои побараа увоз на отпад од ЕУ. Нашата земја аплицирала за 18 типови на неопасен отпад, вклучувајќи метали, масло за јадење, хартија, стакло и картони.

Недостиг на систем  ќе ја чини Македонија скапо

И покрај поддршката од странски партнери, Македонија нема ефикасен систем за управување со отпад. Повеќе од 30% од отпадот не завршува на депонии, туку загадува улици, реки и полиња. Според експертите, непреземањето итни мерки може да резултира со зголемени еколошки и здравствени трошоци во иднина.

Извор: Дојчевеле