Ревизорски извештај открива масовно непочитување на урбанистичките обврски

Во дури 22 од 34 анализирани општини во државата не постои ни минимум зеленило согласно законските стандарди, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. Според наодите, ситуацијата е загрижувачка – централните градски подрачја остануваат бетонски пустини, без доволно зелени површини што треба да придонесат за почиста животна средина и намалување на загадувањето.

 Неисполнет стандард од 25 м² зеленило по жител

Во повеќе општини, генералните урбанистички планови (ГУП) не го почитуваат препорачаниот стандард од најмалку 25 квадратни метри зеленило по глава на жител, како што налага член 19 од Законот за урбано зеленило. Анализата, базирана на податоци од пописот 2021 и аероснимки од дрон, укажува дека ниедна општина не го исполнува законскиот праг.

Нетранспарентни процедури и недоволно финансирање

Дополнителна грижа предизвикува фактот што Владата во периодот 2020–2024 доделувала средства за урбанистички планови без јавен повик, без комисија и без утврдени критериуми. Средствата не биле доволни, а нивната распределба – нетранспарентна.

Речиси 60% општини не инвестирале ниту денар за ново зеленило

Поголемиот дел од локалните самоуправи немаат обезбедено доволно буџетски средства за одржување или проширување на зеленилото. Според ревизорите:

80% од општините не донеле одлука за наплата на надомест за одржување на зеленило.

Само 20% наплатуваат такси за користење на зелени површини и реклами.

58% не инвестирале ниту еден денар за нови зелени површини во последните четири години.

Лоша контрола и слаби казни

И централната и локалната власт имаат слаб надзор над состојбата. Прекршителите ретко се санкционираат, а дури и кога се изрекуваат казни, тие се симболични. Тоа овозможува продолжено уништување и занемарување на урбаното зеленило.

Само три општини со зелен катастар

Во периодот 2021–2024 воопшто не се изработувале годишни извештаи за реализација на Просторниот план на државата. Од сите општини, само Скопје, Охрид и Кавадарци располагаат со зелен катастар, а стратегии за развој имаат само Скопје и Охрид.

Извор: Сител