Според министерката, голема заслуга за ова има токму долгогодишната соработка со стратешкиот партнер UN Woman.

Целта на состанокот, соопштија од МТСП, беше да се разговора за севкупниот напредок на нашата држава во насока на родовата еднаквост, конкретно за имплементацијата на проектот на Министерството за родово одговорно буџетирање.

Еден од проектите меѓу Министерството за труд и социјална политика и UN Women е проектот „Унапредување на институционализацијата на родово одговорно буџетирање преку систематска интеграција на родовата перспектива во стратешкото планирање и програмирање на владините институции во Македонија“.

Како што соопштија од МТСП, овој проект има две цели – Зајакнување на капацитетите на државните службеници во ресорните министерства за да се инкорпорира родовата перспектива во политиките и буџетите, и воспоставување на Тренинг Центар за родово одговорно буџетирање за континуиран развој на капацитетите на државните службеници, размената на знаење и размената на добри практики.

– Вложениот труд и работа при имплементирањето на родово одговорното буџетирање ја направи вашата земја лидер на Балканот. Би сакала што поскоро да го видам отворен Тренинг Центарот за родово одговорно буџетирање затоа што со неговото функционирање ќе се направат големи промени и ќе се постигне голем напредок во воспоставувањето на родова еднаквост, на секое поле, рече регионалната директорка Алиа Ел Јасир.

На средбата, директорката Алиа Ел Јасир ја поздравила соработката на Министерството за труд и социјална политика со останатите сектори, особено програмата за реинтеграција во затворите, што претставува иновативен пристап кој треба да го применуваат и останатите земји од регионот.

Исто така, МТСП соработува и во спроведувањето на проектот на UN Woman „Советодавни услуги за родово вклучување во администрацијата на Македонија“ чија цел е да ја поддржи Владата на Македонија во транспонирање на правото на ЕУ за родова еднаквост.

Овој проект е дизајниран во тесна соработка со Секторот за европски прашања и во консултација со Министерството за труд и социјална политика.

Како што соопштија од Министерството, на состанокот се разговараше и за усвојувањето на новата Национална стратегија за родова еднаквост (2021-2026), новиот Закон за родова еднаквост, воспоставувањето на првиот Ресурсен центар за креирање политики и буџетирање на родова еднаквост и континуирано зајакнување на капацитетите на ресорните министерства и државни агенции.