-Треба силно да се здружиме за да се спротивставиме на агресорите кои се обидуваат да го ограничат полето на слобода и демократија, рече британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, чија земја моментално претседава со Г7, на отворањето на дводневниот собир.
„За да го направиме тоа, апсолутно треба да зборуваме во еден глас“, додаде таа и повика да се размисли за намалување на стратешката зависност и зајакнување на безбедносната архитектура на големите сили, кои се сметаат за демократска страна против „авторитарните режими“.
Иако таа не ги именуваше тие противници, нејзините зборови се вклопуваат во изразената желба на САД, Г7 да учествува во западната стратегија за спротивставување на кинеските амбиции на светската сцена.
Г7 во моментов. меѓутоа, е насочена кон друг ривал, Москва, која Вашингтон, Европејците и Киев во последните недели ја обвинуваа дека подготвува можна инвазија на Украина, што Кремљ го негира.
Ова горливо прашање е во центарот на билатералните средби одржани на маргините на средбата.
Лиз Трас зборуваше со новата шефица на германската дипломатија,Аналена Баербок, за потребата од формирање обединет фронт против руската агресија.
Баербок и американскиот државен секретар Ентони Блинкен се согласија дека ќе биде потребен цврст одговор во случај на ескалацијата на кризата од страна на Москва, соопшти Стејт департментот.
Ова се зборовите на американскиот претседател Џо Бајден, кој во вторникот на разговорот со рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека Русија ќе биде изложена на силни санкции, вклучително и економски, во случај на напад врз Украина.
Министрите за надворешни работи на Г7 – Германија, Канада, САД, Франција, Италија, Јапонија и Обединетото Кралство – треба да разговараат и за други актуелни кризи, како што е Мјанмар, каде што се случи воен удар на 1 февруари, а неодамна на затворска казна беше осудена поранешната цивилна лидерка и нобеловка Аунг Сан Су Чи.
Министрите на Г7, исто така, треба да го повикаат Иран да ја запре нуклеарната ескалација и да продолжи со ограничувањата на нуклеарната програма.