Сојузниците очекуваат со тоа да се создадат услови за ново поглавје за иднината на Авганистан, а главната улога ќе ја имаат граѓаните на земјата. На состанокот била реафирмирана силната поддршка за развојот на демократијата, човековите права и зајакнувањето на безбедносните институции на Авганистан.
Земјите-членки на Алијансата се заложија за зајакнување на дипломатските напори за изнаоѓање на политичко решение и успешно завршување на мировниот процес во Авганистан преку внатрешниот инклузивен дијалог во рамките на земјата.
На состанокот министрите го анализирале и новиот развој на настаните во и околу Украина, при што била изразена загриженост за дејствијата од страна на Русија и зголеменето распоредување на воени трупи на границата со Украина.
Како што соопштија од Министерството за надворешни работи, била изразена силна и едногласна поддршка за Украина, како и за нејзиниот територијален интегритет и суверенитет. Исто така, била потенцирана и поддршката на политичкиот дијалог во рамките на Договорот од Минск, за што ја повикаа Русија да се придржува до начелата на овој договор во насока на деескалација на тензиите и зацврстување на глобалниот мир и безбедност.
Македонија е присутна во Авганистан од 2002 година и во рамките на мисиите учествуваше со повеќе од 3.100 лица меѓу кои, штабни офицери и подофицери, ментори, пешадиски единици и медицински персонал. Во моментов Македонија во мисијата во Авганистан придонесува со 22 припадници на Армијата.