И додека Алијансата се справува со сериозни предизвици на повеќе континенти, Западен Балкан и натаму има значајно место на агендата на НАТО, изјави заменик-генералниот секретар на Алијансата Радмила Шеќеринска на маргините од состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки.

Таа подвлече дека стабилноста на регионот е од суштинско значење за Европа и дека мисијата КФОР останува најдолгата и најзначајната операција на НАТО, што го потврдува долгорочниот интерес на Алијансата за Балканот.

„Иако зборуваме за глобални безбедносни предизвици, ситуацијата на Западен Балкан е секогаш високо на нашата агенда. КФОР останува нашата најдолга и најголема мисија, што јасно ја покажува стратешката важност на регионот за Алијансата“, рече Шеќеринска.

Според неа, реакцијата на НАТО по нападите врз припадниците на КФОР во 2023 година и инцидентот во Бањска е доказ за решителноста на Алијансата да го заштити мирот.

„Со тоа ја покажавме нашата вистинска посветеност – не само воено, туку и политички. Го поддржуваме дијалогот под покровителство на Европската Унија, бидејќи веруваме дека единствениот одржлив пат до мир е преку преговори“, додаде таа.

Говорејќи за соработката со земјите во регионот, Шеќеринска ја нагласи улогата на Србија како важен партнер на НАТО, со која Алијансата работи на повеќе полиња.

„Србија е наш партнер долго време. Работиме заедно на бројни проекти – од сајбер безбедност и енергетика, до иновативни научни иницијативи како што е проектот Декстер. Тоа партнерство има вредност и за НАТО и за Србија“, истакна Шеќеринска.

Таа додаде дека гласот на КФОР денес има тежина и во Приштина и во Белград, а граѓаните на Косово ја препознаваат мисијата како гарант на мирот и стабилноста.

Запрашана за руското влијание во регионот, заменик-генералниот секретар предупреди на постојани обиди за дестабилизација преку хибридни дејствија, дезинформации и политичко мешање.

„НАТО не седи со скрстени раце. Вложуваме повеќе од кога било во отпорноста на нашите општества и во јакнењето на нашите капацитети. Од самитот во Хаг испративме јасна порака: ќе го заштитиме секој сантиметар од територијата на Алијансата и нема да дозволиме нашето единство да биде доведено во прашање“, рече Шеќеринска.

На крајот, таа потврди дека НАТО ќе продолжи да биде сигурен партнер на земјите од Западен Балкан, со цел зачувување на мирот, стабилноста и европската перспектива на регионот.