Добивме искуство и од заедничкото работење на терен. Имаме и канали за размена на научените лекции и најдобрите пракси, нагласи министерката за одбрана Радмила Шекеринска во воведното обраќање пред Состанокот на министрите за одбрана на земјите од Југоисточна Европа членки на иницијативата СЕДМ (South-Eastern Europe Defence Ministerial Meeting).
Денешната средба, како што рече министерката, е диреткна потврда на заедничкиот интерес да создаваме и да развиваме пријателаства, да ги јакнеме не само нашите лични контакти и знаења, туку и да ги јакнеме нашите институционални врски и довербата меѓу нас.
– Денеска сме тука да дадеме одговор, како лидери кои треба да го покажат патот на соработка и заедништво, како лидери кои ќе повлечат чекор и да го повлечеме чекорот кој навистина ќе вроди резултат. Како што велат „најтешкиот пат започнува токму со првиот чекор“. Да го направиме тука и сега и да покажеме дека токму во секторот на одбраната во Југоисточна Европа сме ги научиле историските лекции и дека сме го поминале тестот на сите идни предизвици, порача Шекеринска.
Просперитетот на една земја, вели Шекеринска, нејзината безбедност и иднина зависат од способноста на креаторите на политиката да направат една визија за долгорочна иднина, да ги предвидат краткорочните настани и да ги икористат овие проекции да размислат за сите различни прашања, тргнувајќи од буџетот, планирањето, одбраната, но исто така и големата стратегија.
– Не е тајна ако владите треба да реагираат во време на криза, тие мора да реагираат брзо бидејќи проблемите честопати растат многу брзо експоненцијално. Тоа значи дека е многу важно да има рано дејствување, а секое одлагање има катастрофални последици. Тие мора исто така да бидат и адаптабилни, да дејствуваат мудро, но третата состојка која треба денеска детално да ја разгледуваме тоа е елемент којшто може многу да го олесни и направи поефикасен кризниот менаџмент, а тоа е потенцијалот за сојузи, регионална соработка и вистински пријателства и партнерства меѓу нас, нагласи Шекеринска.
Таа се заблагодари на сите кои понудија и обезбедија помош кога земјава беше погодена од пожарите.
Заменик министерот за одбрана од Бугарија и претседавач на СЕДМ Пламен Христов Јорданов ги наброја целите на кои претседаваштвото ќе се фокусира. Најнапред, како што кажа, е унапредувањето на меѓусебното разбирање, доверба и соработка меѓу земјите членки на СЕДМ.
– Придонес на СЕДМ и на мултинационалните мировни сили на регионалната и светската безбедност и стабилност. Унапредување и проширување на способностите за распоредување во мировни мисии. Поддршка на распоредувањето и ангажирањето на силите во мировните процеси, унапредување на евроатлантскиот процес на земјите членки на СЕДМ, имплементација и развој на СЕДМ проекти како и проширување на СЕДМ процесот со нови членки и последно, но не помалку важно соработка со меѓународните организации на Обединетите Нации, ЕУ, НАТО и ОБСЕ, рече Христов Јорданов.
И покрај тоа што пандемијата се уште не е завршена, рече тој, може да утврдиме и да увидиме дека војската всушност претставува клчучен елемент во борбата против пандемијата.
– Се уште учиме секој ден но се надевам дека ќе ги запомниме првите лекции коишто веќе сме ги научиле од оваа криза, а тоа е дека ни треба повеќе солидарност, потребна е солидарност меѓу нашите општества и внатре во нашите општества. Убеден сум дека иницијативата ќе продолжи да ја зајакнува нашата соработка и доверба во претстојниот период и во следниве години и се надевам и убеден сум дека успешно ќе се соочиме со предизвиците, заклучи Христов Јорданов.
СЕДМ претставува процес на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (ЈИЕ). Земји членки на СЕДМ се Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грузија, Грција, Италија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија, Северна Македонија, Турција, Украина и САД, додека Молдавија има статус на земја набљудувач.
Суштината на СЕДМ процесот е јакнење на разбирањето и политичко-воената соработка во регионот, со цел подобрување на стабилноста и безбедноста во ЈИЕ.