Според планот на градоначалникот Шилегов, овој потег би требало да стане пешачка зона некаде кон крајот на 2023 година.
-Низ малиот ринг ќе биде дозволено исклучиво движење на возилата од Бас Рапид Транзитот, противпожарните и амбулантските возила. Останатиот сообраќај ќе мора да се дисперзира по средниот сообраќаен ринг. Тогаш пешачката зона ќе ни се движи од Стара Железничка до Бит пазар, вели Шилегов.
Со ова, Шилегов уверува дека Скопје ќе стане град со најголема пешачка зона во Европа.
Сепак, скопските велосипедисти предупредуваат дека одделни делови од градот се уште се хаотични за користење на алтернативниот превоз. Поради тоа, велат дека бројот на сообраќајни несреќи во кои учествуваат велосипедисти е огромен, но често официјалната бројка е многу помала од фактичката. Појаснуваат дека често овие сообраќајки се со мали штети или без повреди, па поради тоа, воопшто не се ни пријавуваат.
Од неформалната група „НаТочак“ предупредуваат дека во одредени општини граѓаните немаат никакви услови за користење на велосипедот.
-Ако речеме дека е добро во Аеродром, Центар, можеби Влае и Карпош, тој дел. Може да кажеме дека е ужасно во цела Кисела Вода, апсолутно цела Кисела Вода, Чаир пополека станува добро, некои булевари се подобруваат, но некаде не. Бутел, тоа се делови од градот каде веќе немаат ни услови, така што, има делови каде е ОК, а има делови каде граѓаните се снаоѓаат како да возат точаци, вели Дарко Арсовски Петровски од „НаТочак“.
Велосипедистите бараат од општините во недела, кога нема толкава фрекфенција на автомобили, да затвораат по неколку улици. Велат, особено во пандемијата такви примери правеле голем број светски метрополи.