Националниот статистички систем во Република Северна Македонија и Државниот завод за статистика одбележуваат 77-годишни од своето постоење. Период во кој започнавме скромно со многу мал број на луѓе, но со многу ентузијазам, а еве дочекавме со околу 250 вработени во Заводот и со огромен фонд на податоци коишто редовно ги објавуваме, порача по тој повод Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Симовски, изрази задоволство што после 19 години минатата година беше спроведен попис на население во државата, и најави уште еден попис за догодина – попис на земјоделството во нашата држава.

Статистиката, рече Симовски, е реален одраз на состојбите во државата и таа ги покажува работите токму онакви какви што се – некогаш на наше севкупно задоволство, а некогаш на наше големо жалење.

Државниот завод за статистика денеска го објави третиот сет на податоци од Пописот 2021 година, којшто се однесува на образовните и економските карактеристики на населението и карактеристиките во однос на попреченост на населението, податоци за кои Симовски рече дека во суштина ќе ја покажат вистинската слика – состојба во државата со работната сила, со степенот на образование на населението, она што значи образование во тек и уште низа вкрстени податоци коишто ќе дадат многу, многу можности и за анализи, но и за конкретни употреби во реалниот живот.

– Искрено ова е огромен фонд на податоци којшто денеска го објавуваме и да можеме да ги искоментираме во една реченица е многу тешко. Она што не може да не изненади, не треба да очекуваме дека ние сме најобразованите, најекономски активното население во светот, си ги знаеме проблемите со коишто се среќаваме. Тие се реален одраз на состојбите во државата. Статистиката е тука за да ги покаже токму онакви какви што се, не онакви какви што би сакале да бидат или не онакви какви што никој од нас не посакува да бидат. Можеби некогаш ќе бидат на наше задоволство, севкупно. Некогаш ќе бидат на наше големо жалење, но ние мораме да ги објавиме реалните податоци и апсолутно такви се и овие податоци, кажа Симовски.

Кадровскиот потенцијал на Заводот, според Симовски, е клучниот предизвик со којшто се сереќаваат во своето работење, бидејќи потребно е специфично знаење кое што за жал не можеме да го стекнеме во образовниот процес којшто го имаме во државата, бидејќи не постои факултет за статистика.

– Клучното знаење го прибираме со нашето искуство, со работа. Значи, не се станува статистичар од денот на вашето вработување. Ви требаат најмалку година и пол до две да ги стекнете елементарните познавања за да можете самостојно да спроведувате истражување. Од друга страна, веќе четири години немаме вработено ниту еден човек, повеќе од 100 лица го напуштија кои заради пензионирање, кои заради тоа што најдоа подобри услови за работа и подобро платени работни места. Ова е клучниот предизвик со којшто се среќаваме, појасни Симовски.

Кон крајот на летото и до крајот на годината, Симовски најави дека, треба да излезат податоци по т.н. Грит метода – карактеристиките на населението на површина од километар квадратен, како и Пописен атлас каде што сите бројчани нумерички податоци ќе бидат пресликани во карти.

Како дел од одбележувањето на Денот на македонската статистика денеска во Домот на Армијата е отворена изложба на слики од уметникот Живко Поповски – Цветин, кои тој му ги подарил на Заводот пред две години – по повод 75-годишниот јубилеј, но кои поради пандемијата не можеа да бидат изложени за пошироката јавност.