Изборите досега, без разлика дали се локални, парламентарни или претседателски, биле предмет на постојани судири меѓу политичките партии, кои многу често го оспорувале изборниот резултат. Оттаму, методологијата што се предлага може да биде и вовед во подемократско однесување.

Субхи Јакупи, поранешен заменик-претседател на Државната изборна комисија, за „Слободен печат“ вели дека гласањето преку биометриска идентификација или отпечатоци од прсти ја елиминира можноста за злоупотреба на гласови, семејно гласање или гласање за други лица.

– Гласањето преку биометриска идентификација обезбедува кредибилитет во изборниот процес, спречува семејно и гласање во име на други лица. Сметам дека ДИК, во соработка со други институции, треба да ги обезбеди податоците и потребната опрема за следните избори – нагласува Јакупи.

Пратеничката на ДУИ, Арта Билјали Зендели, вели дека додавањето на овој елемент во Изборниот законик е направено со консензус од сите политички чинители и е поддржано од 95 члена на Собранието

– Овој механизам директно ќе спречи двојно или повторено гласање од една личност – вели Биали Зендели за нашиот весник.

Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива смета дека дебатата за промените во изборниот законик не треба да биде само формална и техничка.

– Електронското гласање со отпечатоци на прсти е прифатливо за нас, но колку ќе биде ефективно, ќе зависи од тоа како ќе се спроведе. За нас приоритет во ова прашање останува чистење на Избирачкиот список од измислени гласачи – изјави Флакрон Беџети, портпарол на АА.

Од движењето БЕСА велат дека оваа иновација ќе придонесе за поголема доверба меѓу политичките партии.

– Движењето Беса ќе ги поддржи сите промени што ќе придонесат за зголемување на квалитетот на изборниот процес со цел да бидат фер и слободни – изјави пратеникот Кастриот Реџепи.