ВМРО-ДПМНЕ денеска остро реагираше на, како што велат, „срамниот, омаловажувачки и мизогин говор“ што се шири на социјалните мрежи против нивната членка и кандидатка за советничка во Советот на Град Скопје, Луна Стефаноска.
„Најостро го осудуваме срамниот, омаловажувачки, говор полн со мизогинија и омраза кој последните денови се шири на социјалните мрежи, насочен кон нашата членка и кандидатка за советничка во Советот на Град Скопје, Луна Стефаноска,“ порачаа од партијата на денешната прес-конференција.
Според ВМРО-ДПМНЕ, нападите не се аргументирани и не се поврзани со политичките ставови или јавните настапи на Стефаноска, туку претставуваат директни навреди и деградација на жената како личност.
„Овој тип на напади, кои не се аргументирани ниту се базираат на критика за политички ставови или јавни настапи, туку се сведуваат на лични навреди, сексистички коментари и деградација на жената како личност, претставуваат закана не само за слободата на изразување, туку и за достоинството на секоја жена која се бори да биде дел од јавниот и политичкиот живот,“ нагласија од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ апелираа за солидарност и јавна осуда на овој случај.
„Ве повикувам сите вас, граѓаните, организациите на женските права, сите политички партии, кандидатите за градоначалници, носителите на советничките листи, Хелсиншкиот комитет и сите граѓански здруженија, кои се борат против дискриминација и говор на омраза, да заземат јасен став и јавно да го осудат ваквиот напад,“ се наведува во обраќањето.
Од партијата истакнаа дека овој случај не е изолиран, туку дел од поширок проблем со кој се соочуваат жените во политиката.
„Ова не е само напад само врз една жена или девојка, ова е напад врз сите оние кои одлучиле да не молчат, да бидат активни и да се борат за промени. Нашата борба против говорот на омраза нема да престане, а поддршката за нашата Луна е безрезервна,“ порача ВМРО-ДПМНЕ.
Во заклучок, партијата побара секој ваков случај да биде јавно осуден и институционално санкциониран:
„Во време кога како општество треба да градиме толеранција, дијалог и еднаквост, секој ваков случај мора да биде јавно осуден и институционално санкциониран.“