Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вели дека јасна е пораката на заменикот помошник државен секретар на САД Габриел Ескобар дека приоритет на САД за Балканот е интеграцијата на Албанија и Северна Македонија во ЕУ. Димитров посочува дека земјава ќе направи се што може за достоинствен излез од спорот со Софија.

Копретседателот на коалицијата „Промената продолжува“ Кирил Петков, што победи на парламентарните избори во Бугарија, пак, вели дека треба да се формираат работни групи и да се остават да преговараат шест месеци, за да не ги одредуваат работите само националистите. Тој оценува дека за ова прашање треба да се потпреме на преговори, а не на пропаганда.

Димитров вчера во интервју за „Утрински брифинг“ рече дека Американците се важен фактор и во регионот, но и главен партнер на Европа во контекст на НАТО и дека Вашингтон има влијание. – Регионот е прилично разнишан. Ескобар вели дека кај нас се прекршува инструментот на проширувањето – дали е тој реален или не е реален, рече Димитров.

Тој посочува дека се чека формирањето на новата бугарска влада за да можат да продолжат разговорите. Во однос на тоа дека МНР на Бугарија ќе го добие партијата на популистот Слави Трифонов, кој има ригидни ставови кон земјава, вицепремиерот смета дека не треба да се зборува пред време.

Тој потенцира дека и по заминувањето од премиерската функција на Заев кој остави силен печат врз целата иницијатива за решавање на спорот со Бугарија, курсот на земјата ќе остане ист.

За изјавите кои доаѓаат од албанска страна за можноста за одвојување на двете земји за почеток на преговорите со ЕУ, Димитров смета дека тоа не е можно во моментов, оти, вели, ние ја чекавме Албанија кога таа беше заглавена во холандскиот Парламент, а странските партнери не се расположени да поддржат раздвојување.

Американскиот заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, по престојот во Скопје нема да оди за Софија, но не ја исклучува можноста да ја посети.

– По Скопје заминувам за Босна каде ќе се одржи Конференцијата за мировна имплементација. Потоа, одам за Тирана каде повоторно ќе пратам сигнали за нашата поддршка за зачленување во ЕУ по што ќе заминам за Лондон за да се сретнам со новиот британски специјален претставник за Западен Балкан, кој ги свикува министрите за надворешни работи на Западен Балкан за да се мапира како нашата соработка во регионот ќе функционира во иднина. Сево ова се примери за позитивен развој во регионот. Се надеваме дека Македонија ќе биде целосен партнер и ќе ни помогне да има напредок. Не ја исклучувам можноста во одреден момент да посетам други делови од Европа каде има важни прашања за кои треба да разговараме, рече Ескобар во понеделникот во интервју за „360 степени“, прашан дали планира да ја посети Софија.

Тој ја појасни изјавата дадена по средбата со министерот Бујар Османи, во контекст на потребата од што побрз почеток на пристапните преговори, кога кажа дека „ја поздравува подготвеноста на Северна Македонија за флексибилност“.

– Она што го мислам е дека го поддржуваме секој ваш напор за да се направи се за почеток на тој процес. Направивте реформи, пративте сигнали дека имате намера да направите се што е потребно и оваа Влада изрази силна поддршка, силна стратешка визија да се биде членка на ЕУ и ние продолжуваме тоа да го поддржуваме, рече Ескобар.

Повтори дека за прашањето за деблокада на македонските евроинтеграции, Вашингтон е во постојана комуникација со сите свои европски сојузници.

– Северна Македонија заслужува да биде дел од ЕУ. Вие културно, историски и, се поинтензивно, економски сте дел од Европа. Би требало да имате место на масата. Дополнително, завршивте неколку добри реформи што ве квалификуваат за да го почнете процесот. Одблиску соработуваме со нашите европски партнери, сите наши европски партнери, за да осигураме тоа да се случи многу брзо. Се надевавме и се уште се надеваме дека можете да почнете со меѓувладините конференции оваа година. Ако не годинава, тогаш што е можно поскоро наредната година. За ова прашање сме во постојана комуникација со сите наши европски партнери, изјави Ескобар.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува земјата да ги започне преговорите со ЕУ за нешто повеќе од една недела, затоа што, како што рече, „тоа го заслужи не само поради реформите, туку поради сето она што го направија македонскиот граѓанин и Македонија“.

– Ние ги споделуваме тие вредности со ЕУ и навистина ова е крајно време ЕУ на дело да ги покаже своите вредности и да ги напушти оние хегемонистички барања на нашиот источен сосед коишто немаат никаква врска со европските вредности, туку тоа се едни барања коишто се можеби соодветни за 2-3 века во минатото, а не за два или три века во иднината, рече Мицкоски.

Во меѓувреме, германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во текстот со наслов „Софиското фалсификување на историјата“ вчера објави дека Бугарија би можела со години да го блокира приклучувањето на Северна Македонија во ЕУ.

Бугарија е пред добивање нова влада, а во Брисел се надеваат дека земјата ќе се откаже од ветото за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, наведува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и појаснува дека владата на Борисов ги спречила преговорите со образложенија „кои не само Брисел ги смета за апсурдни“.

– Скопје би морало да признае дека македонскиот јазик е всушност само бугарски дијалект и дека македонската нација се развила од бугарството, бара меѓу другото Софија. Но, кој верува дека само со промена на владата во Бугарија повторно ќе се врати разумот и дека бизарните академски дебати нема веќе да стојат на патот на ЕУ-политиката на Балканот, тој може да се излаже. ‘Спорот за името’ помеѓу Атина и Скопје ја спречуваше западната интеграција на балканската држава повеќе од четврт век, пред во 2018 година да биде решен со преименувањето на Македонија во Северна Македонија. Бугарско-македонскиот историски спор би можел да трае исто така многу години, наведува весникот, а пренесува „Дојче веле“.

Според ФАЦ, Кирил Петков, кој се смета за иден премиер, важи за прагматичен човек кој гледа напред и кој не сака да се загуби во честакот на балканските дебати за историјата.

ФАЦ натаму наведува дека Бугарија бара бугарското малцинство кое живее во Северна Македонија да биде спомнато во Уставот, и додава дека неопходното двотретинско мнозинство за такво нешто во Скопје можеби ќе се најде полесно ако Бугарија со децении не ги исклучува систематски сопствените граѓани кои се дефинираат како Македонци.

– Обесправувањето на (денес многу малото) македонско малцинство во Бугарија го преживеа распадот на комунизмот. Софија дури игнорираше повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права за да се држи до фикцијата дека во земјата нема македонско малцинство. Според претседателот Радев, Северна Македонија мора да го спречи и ‘говорот на омраза’ против Бугарија. Од ‘медиумите, музеите, јавноста и државната политика’ морало ‘да исчезне извртувањето на историјата’, наведува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

 

– Фалсификувањето на историјата досега не е критериум за приклучување во ЕУ. Но, се чини дека Бугарите сакаат да го направат да биде критериум. На такво нешто Северна Македонија не може да се согласи веќе поради самото почитување на вредностите во ЕУ, заклучува ФАЦ.

Копретседателот на коалицијата „Промената продолжува“ Кирил Петков, што победи на парламентарните избори во Бугарија, во интервју за „Шпигел“ во однос на прашањето меѓу Скопје и Софија, вели дека треба да се формираат работни групи и да се остават да преговараат шест месеци, за да не ги одредуваат работите само националистите.

– Зошто нема летови и возови меѓу Софија и Скопје? Ајде да зборуваме повеќе за економија отколку за различни толкувања на заедничката историја. Или за учебниците во Северна Македонија во кои се тврди дека Бугарите се фашисти, вели Петков.

Тој за „Шпигел“ оценува дека доколку се даде „зелено светло“ за пристапните преговори веднаш, без дискусија, само ќе ги зајакне националистите во двата табора. – Ние се потпираме на преговори, а не на пропаганда“, рече Петков за „Шпигел“.

Копретседавачот на бугарско-македонската Заедничка комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров во меѓувреме за БНТ рече дека „тешко дека постои држава која повеќе од Бугарија сака Северна Македонија да стане членка на Европската Унија, но секогаш постои едно „но“, бидејќи членството зависи од подготвеноста на една земја кандидат за тоа“.

– Би сакал да кажам дека Република Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите, но не гледам основа за тоа, изјави Димитров.

Димитров смета дека историјата има влијание во сите сфери, дава аргументи и им помага на политичарите да ги сфатат корените на современите проблеми, но таа не е онаа што ги одредуваат односите.

– Целата одговорност е на политичарите. Политичарите се секогаш на потег кога се во прашање билатералните односи, нагласи Димитров.

Според него, бугарската позиција кон земјава е „совршено јасна“, но прашање е колку таа е добро претставена и дали некој сака да ја сфати.

Во пресрет на следниот состанок на Комисијата, предвиден за в четврток, Димитров истакнува дека на него ќе се разговара за она „за што се зборува веќе пет состаноци по ред“.

– Заглавивме во 10-11 век – крајот на Првото бугарско царство, времето на цар Самоил и неговите наследници. Не останува време да разговараме за заедничкото чествување на двете држави на Гоце Делчев, вели Димитров.

Запрашан за иднината на Комисијата, Димитров вели дека колку и да изгледа дека нејзината работа не дава резултати, таа сепак го привлекува вниманието на јавноста во двете земји, бидејќи прашањата за кои расправа ги засега луѓето.