Согласно Одлуката на Владата за изменување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот Sars-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена (Oбјавена во Службен Весник на РСМ бр. 139 од 23.06.2021 година), се врши измена на Протоколите на ТАВ Македонија за управување со двата аеродроми во време на пандемија.

Оваа промена значи дека влезот во јавната зона на терминалнaта зграда на двата аеродроми е неограничен за сите лица: патници, придружба на патници, лица кои ги пречекуваат и испраќаат патниците, вработените на аеродромот и на други даватели на услуги кои имаат потреба од влез во терминалната зграда, информираат од ТАВ.

Согласно ова, почнувајќи од денеска, 25-ти јуни 2021 година, во 00:01 часот терминалните згради на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид ќе бидат отворени за влез за сите лица.

Од почетокот на пандемијата досега, само патниците со авионски билети можеа да влезат во терминалните згради на двата аеродроми, а влезот за нивните најблиски кои ги испраќаат или пречекуваат, не беше дозволен.